Министерот за финансии во Владата на Република Србија, Синиша Мали, денеска најави дека во понеделник, 1 ноември ќе започне исплатата на 30 евра финансиска поддршка за сите полнолетни граѓани на Србија, кои веќе аплицирале за ваков вид помош, а која се спроведува во рамките третиот пакет на економската поддршка на стопанството и граѓаните на Србија со цел да се ублажат последиците од пандемијата на коронавирусот, јави дописникот на МИА од Белград.

Мали на ТВ Хепи напомена дека граѓаните на Србија не треба да аплицираат за 30-те евра што ќе ги добијат во ноември, бидејќи за нив аплицирале во мај, кога им биле исплатени по 30 евра.

-Исто така, од 15 ноември започнува апликацијата за дополнителни 20 евра помош, за оние кои не аплицирале за 30 + 30 евра, а ги исполнуваат потребните услови или кои во меѓувреме станале полнолетни. Пензионерите и сите оние кои веќе се регистрирале за 30 + 30 евра, не треба да аплицираат за дополнителна помош од 20 евра, туку автоматски ќе им се исплати во декември, објасни тој, додавајќи дека пензионерите ќе бидат исплатени на почетокот на следната година со дополнителни 20.000 динари.