Кина одговори на акцијата на Вашингтон за повисоки увозни царини за кинески стоки со зголемување на царините за американски производи во вредност од 75 милијарди долари, јави дописникот на МИА од Вашингтон.
– Повисоки царини за повеќе од 5.000 видови американски производи стапуваат во сила на 1 септември и на 15 декември, соопшти денеска од Комитетот за тарифи и акцизи при Државниот совет на Кинеска Народна Република.
Според соопштението, повисоки царини од пет и 10 отсто ќе се воведуваат сукцесивно, на 1 септември и 15 декември соодветно. Се прецизира дека од 15 декември Пекинг, на пример, ги зголемува царините за американски автомобили за 25 отсто и на автоделови за пет отсто.
Ова е одговор на веќе воведените царини од страна на САД за увоз на кинески производи во вредност од 300 милијарди долари, што требаше да стапат во сила на 1 септември. Сепак, трговскиот претставник на САД во меѓувреме соопшти дека го одложува воведувањето на тарифите за 15 декември, пред се за техничка стока како лаптоп компјутери, телефони и играчки.
Како што укажа тогаш претседателот Доналд Трамп, одлагањето се прави за да „не се зголемат цените на овие производи пред празниците“ односно за време на Денот на благодарноста, еден од најважните празници во САД, кога започнуваат божиќните распродажби.
Воведените царини од страна на Кина предизвикаа мала загриженост во Белата куќа, при што советниците „бараат начини да одговорат“, јави „Си-Ен-Ен“. Индексот на главната индустриска берза на Волстрит „Доу“, денеска се намали за неколку процентни поени откако Трамп повика „американските компании да бараат алтернативни пазари за кинескиот“.