Oд 20 до 29 август градот станува музичка престолнина со журки, концерти и урбана атмосфера што ја носи Fresh Union. Фестивалот започнува со посебен музички ритуал среда, на 20 август, во кафе бар „Јагода“ DJ Goce Saf со свој vinyl сет ќе ја отвори атмосферата во духот на вистинскиот битолски урбан вајб.

Два дена подоцна, на 22 август, во „Училница Specialty Coffee“ ќе се одржи урбан afterwork gathering со Street Soul Delight – Тони Зен, DJ Boogiemen и DJ Mawrteen – кои со својата уникатна r’n’b и soul селекција ќе внесат нова енергија во попладневниот битолски ритам.

Електронската сцена ќе добие свој момент на 23 август, кога во клубот „Расчекор“ ќе настапи еден од најпознатите македонски електронски артисти, DJ Галоски, заедно со локалниот фаворит DJ Acika.

На 27 август, фестивалот се сели во легендарниот „Porta Jazz“, каде DJ Cvare ќе понуди уникатна селекција на грувови и алтернативни ритмови – вечер која ќе спои традиција и современ звук.

Сето ова е вовед во спектакуларното големо финале на 29 август на Ракометното игралиште, кога Битола ќе биде место на најголемиот музички собир ова лето. Вечерта ќе ја отвори DJ Чико – симбол на добриот битолски звук, по што ќе следи концерт на еден од најпопуларните македонски бендови – Нокаут – со нивните хитови кои со години ја полнат домашната музичка сцена со емоции. За спектакуларен крај ќе се погрижат легендарните Дивље Јагоде, чиј рокенрол дух и непогрешлива енергија ќе ја запечатат оваа незаборавна фестивалска приказна.

S.O.S. Festival не е само концертна програма – тоа е вистински симбол на битолската сцена и урбаната култура, место каде што музиката станува заедничко искуство и спој меѓу генерациите. Од 20 до 29 август, Битола ќе дише во ритамот на фестивалот – и ќе го слави летото како што доликува. Влезниците за 29 август се во продажба on line на mktickets.mk, а физички во Димпо Тобака (Грозд, Широк Сокак, Ленски Мост, Нов Пазар) и Tobacco Brothers-Широк Сокак.