Сингапур од 2019 година заплени 6 милијарди сингапурски долари ( 4,4 милијарди американски долари) поврзани со криминал и перење пари, објавија денеска властите во таа држава.
Сингапур спроведе повеќекратни рации минатата година во случајот за перење пари од 3 милијарди сингапурски долари, што резултираше со заплени на имоти, автомобили и луксузни стоки, како и апсење на неколку странци.
– Како меѓународен финансиски и деловен центар, признаваме дека се соочуваме со поголеми ризици од перење пари и финансирање тероризам, рече премиерот Лоренс Вонг денеска на настанот организиран од Работната група за финансиска акција, глобална асоцијација за финансиски криминал.
– Но, ние сме решени да го направиме она што е потребно за да одговориме на овие ризици и да ја заштитиме репутацијата на Сингапур како доверлив финансиски центар.
Во извештајот, објавен како дел од напорите на оваа земја од Југоисточна Азија да се запре протокот на криминални пари, се вели дека во голем број случаи во Сингапур се вклучени странски криминални синдикати кои користат софистицирани методи.
Од запленетите 6 милијарди сингапурски долари, околу 416 милиони се вратени на жртвите, се вели во извештајот.
Се додава дека истрагите или судските постапки се во тек за најголемиот дел од преостанатите пари.
Фото: МИА архива