Верниците од исламска вероисповед рано изутринава го почнаа рамазанскиот пост, што трае 30 дена и завршува на 23 мај. За време на постот верниците од изгрејсонце до зајдисонце се воздржуваат од јадење и пиење.
Според исламската религија, постот, кој е еден од исламските столбови е задолжителен за сите верници за нивно физичко и душевно прочистување. Верниците мора да се воздржуваат од лоши зборови и дела со цел општо човечко прочистување. Постењето е верска обврска за секој полнолетен, здрав муслимански верник, но не е обврзувачко болните, бремените жени и работниците кои вршат тешка физичка работа.
По рамазанскиот пост, на 24 мај е Рамазан Бајрам, кој се чествува три дена. Тогаш целото семејство се собира на празнична трпеза, а се посетуват роднините и пријателите. Рамазан е деветтиот месец во Исламскиот календар.
Првиот ден од Рамазан Бајрам е државен празник.
Во пресрет на рамазанскиот пост, поглаварот на Исламската верска заедница, Сулејман Реџепи, им порача на верниците да ги почитуваат препораките на Владата за заштита и спречување на ширењето на на коронавирусот.
-Апелирам и ве замолувам да се придржувате кон исламските принципи за вашето и за здравјето на другите луѓе околу вас, истовремено почитувајќи го тоа што го велат лекарите и експертите во врска со пандемијата Ковид 19. Само така ќе победиме и ќе се вратиме на нашите животи, само така ќе бидат оправдани нашите молитви за спас што ги упатуваме на семоќниот Алах, порача Реџепи.