Од денеска Хрватска ја замени својата национална валута, куна со еврото и отстрани повеќе гранични премини постанувајќи дел од Шенген зоната – најголемиот дел од светот каде луѓето патуваат без пасоши.

Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, им се придружи на Хрватскиот премиер Пленковиќ и словенечката претседателка, Наташа Пирц Мусар, на граничниот премин Брегана, од каде денеска веќе луѓето слободно се движат, само со лични карти.

„Ова е ден за прослава. Сега е сезона на нови почетоци, 1-ви јануари, нови поглавја се отвораат и нема друго место во Европа каде што денеска е поочигледно дека сега сме во сезона на нови почетоци и нови поглавја отколку тука на границата меѓу Хрватска и Словенија. Денеска Хрватска се придружува на Шенген зоната и еврозоната. Две огромни постигнувања за најмладата земја членка на Европската Унија и двете се остварени во истиот ден. Затоа, навистина, денеска е ден за историја“ – изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Ова е нов почеток за државата од 4 милиони луѓе, која се роди во крвавата граѓанска војна при распаѓањето на поранешна Југославија.

Со влезот во Шенген зоната, Хрватските граѓани ќе бидат дел од речиси 420-те милиони луѓе кои слободно се движат во 27-те земји членки на ЕУ, без пасоши, без разлика дали станува збор за работа и бизнис или едноставно за забава и одмор.

„Ја отворивме вратата за Европа без граници. Вечерва славиме нов ден, нова година и нова Европа, со Хрватска во Шенген зоната“ – вели хрватскиот министер за внатрешни работи, Давор Божиновиќ.

Ништо помалку значајно за Хрватите е замената на нивната национална валута, со еврото. Еврото на Хрватска ќе и ги понуди бенефитите на подлабоките финансиски врски со останатите 19 членки на еврозоната но и со Европската централна банка.

„Ова за Хрватска многу значи. Тоа значи дека ќе бидеме поотпорни на кризите, дека ќе станеме попосакувана дестинација за инвестиции, водењето бизнис ќе биде полесно, ќе се намалат и трошоците во Хрватска. Тоа секако не е магично стапче кое ќе ги реши сите наши проблеми, но сосема сигурно ќе ни помогне во иднина да бидеме побогата држава, со економски раст и поголем стандард на граѓаните“ -вели гувернерот на хрватската централна банка.