Околу 260 илјади ученици во основните и средните училишта од денеска се на тринеделен зимски распуст, кој ќе трае до 19 јануари. Според календарот на МОН за организација на наставата, во училишните клупи треба да се вратат на 20 јануари за да ја продолжат учебната 2021/2022 година.
Поместување на зимскиот распуст односно одложување на почетокот на второто полугодие засега не се планира зашто, според надлежните, состојбата со КОВИД-19 и натаму е стабилна, иако сојот омикрон е потврден и во земјава, а според експертите тој побргу се шири.
По препорака на Комисијата за заразни болести и со одлука на Владата, учебната 2021/2022 на 1 септември почна со отворени училишта и настава со физичко присуство за сите ученици организирана според утврдени антиковид-протоколи. Исклучок се учениците ослободени со медицински потврди.
Во повеќе наврати ресорната министерка Мила Царовска информираше дека состојбата во училиштата е стабилна и дека според податоците кои МОН ги собира на дневно ниво од сите училишта, процентот на нови позитивни случаи не се зголемувал повеќе од 0,03, а активни случаи со КОВИД-19 кај учениците со физичко присуство во првото полугодие не надминал 0,3 отсто.