Од денеска се ставени во функција двете нови патарини на автопатот Штип-Миладиновци.
На автопатот во должина од 47 киломeтри граѓаните патарина ќе плаќаат трипати. На „Кадрифаково“, „Преод“ и постојната наплатна станица „Миладиновци“. Или 320 денари во двата правци. Тоа ќе биде сериозен удар по џебот на сите граѓани, но особено на оние кои поради работни обврски секојдневно патуваат во Скопје.
На наплатната рампа кај Кадрифаково се наплаќа по 50 денари и за оние граѓани кои патуваат за Велес, иако по автопат се возат само 8 и пол километри. Кога ќе се додадат и наплатните рампи кај Преод, 70 денари и Петровец 40 денари, возач од Штип до Скопје и назад, треба да одвои 320 денари за патарини.
Лице од истокот кое работи во Скопје и кое секој ден патува со сопствено возило до работното место, годишно, само за патарини треба да издвои околу 90 000 денари или 3 просечни плати.