Во Германија денеска стапува во сила новиот Закон за доселување на стручна работна сила, кој треба да го олесни пристигнувањето на квалификувани работници од земји што не се членки на ЕУ и да го олесни сериозниот проблем со недостигот на работна сила со кој се соочува германската економија.

Според новиот закон, на работниците од земји кои не се членки на ЕУ, во иднина во Германија ќе им бидат достапни сите работни места за кои се квалификувани, а не само оние кои биле прогласени за дефицитарни од германските институции и за кои нема кандидати од Германија или земји од ЕУ. како што беше случај досега.

Новина е, исто така, дека стручните работници, под одредени услови, ќе можат да останат во Германија подолг временски период во потрага по работа.

Барателите на работа, исто така, ќе имаат право да го надоместат евентуалниот недостиг на практично искуство со доквалификација преку практикантска работа со германски работодавач. Услов ќе биде надлежните институции да ја потврдат дипломата на странскиот работник и да докажат дека тој зборува германски јазик. Покрај тоа, ако претходно не склучи договор за вработување, странецот ќе мора да докаже дека има доволно пари за да се издржува додека бара работа.

Во однос на јазикот, главно се очекува напредно знаење кое одговара на Б1-ниво на заедничката европска референтна рамка за јазици, што претпоставува можност за учество во разговори на познати теми или за деловно работење, разбирање на емисиите на радио или телевизија и снаоѓање во странска земја.

На квалификувани баратели на работа и практиканти ќе им биде дозволено да останат во Германија до шест месеци, при што е потребно практикантите да достават соодветна училишна диплома и да не бидат постари од 25 години.

Од друга страна, новиот закон ги заостри условите за странските државјани на возраст над 45 години. За да добијат дозвола за престој и работа, тие мора да докажат дека ќе заработуваат најмалку 3.685 евра бруто месечна плата, или дека веќе стекнале пензија или имаат средства да ги исполнат основните трошоци за живот, за да не станат товар на државата во старост.