ЕУ ги предупреди производителите на автомобили дека се должни да инсталираат неколку нови безбедносни системи во нивните нови автомобили.
Така од мај 2022 година, сите нови автомобили произведени во ЕУ мора да бидат опремени со интелигентен ограничувач на брзината, а ќе мора да поседуваат и тн. „црна кутија“ (како во авионите), како и видеорекордер.
Како што објави порталот „Додај гас“, идејата за поставување на „црни кутии“ (системот EDR) во новите возила постои веќе неколку години. Со нивна помош ќе биде можно да се утврди сè што се случува за време на возењето, а тоа е особено важно при истрага во случај на несреќа. Тие ќе бидат поврзани со воздушните перничиња и ќе снимаат податоци за брзината, сопирањето, локацијата на возилото и работата на електронскиот асистент.
Според новите прописи, сите нови автомобили продадени во ЕУ од мај 2024 година, ќе мора да имаат и детектор за следење на заморот и расеаноста на возачот, асистент кој се активира во случај на одвлекување на вниманието на возачот, автоматско активирање на аларм во случај на несреќа како и тестер за алкохол поврзан со стартерот.
Новата регулатива ќе стапи на сила на 6 јули 2022 година.