Косовската дијаспора продолжи да придонесува за Косово и оваа година, јави РТК и прецизира дека според податоците на Централната банка на Косово (ЦБК), во првите шест месеци од оваа година е забележан пораст на дознаките од дијаспората.
Бесник Када од Централната банка на Косово (ЦБК) за RTKlive изјави дека во периодот јануари-јуни 2023 година, износот на дознаките изнесува 632 милиони и 900 илјади евра.
– Споредено со 555 милиони и 400 илјади евра во 2022 година, имаме зголемување за 77,5 милиони евра повеќе во однос на истите шест месеци од претходната година, рече Када.
Тој прецизира дека земја од која се регистрирани најголеми придонеси е Германија.
– Во првиот квартал годинава од Германија пристигнале 38,8 милиони евра, додека лани, односно во текот на 12 месеци од Германија пристигнале 161,5 милиони евра. Во меѓувреме, од Швајцарија во првиот квартал пристигнале 17,2 милиони, а потоа следат САД со 7,6 милиони евра, Австрија и Италија со по 4,8 милиони, рече тој.