По 32-годишниот престојот во Македонија, доктор Нико Коламовски се врати во неговиот роден крај Пустец, да се грижи за здравјето на неговите сограѓани, стои во прилог емитуван на албанската државна телевизија. Во прилогот се додава дека веќе четири години Нико работи во Здравствениот дом во Пустец, додека со медицински услуги ги покрива селата Шулин, Леска, Зрноско и Церје.

– Желбата да им помогнам на моите Македонци, на моите луѓе од каде што потекнувам ме донесе повторно во родната грутка. Има подобрување на условите за живот, подобрување на условите за работа. Се чувствувам добро, се чувствувам на мое место, затоа се вратив. Повеќето овде се постари лица над 70 години кои не можат да се движат. Децата не им се тука, во странство заминаа, па се трудиме да им помогнеме колку што можеме, вели докторот, пренесува порталот Ехо.

Новинарот констатира дека по тоа тој „се разликува од многу негови колеги, кои се почесто ја напуштаат Албанија, а тој одлучил да остане верен на својата земја и да ја практикува професијата лекар во Пустец”.

Мисијата на лекарите дојде до израз главно во периодот на пандемијата, каде со професионализам и посветеност, белите мантили им беа посветени на пациентите погодени од овој досега непознат вирус, останувајќи верни на Хипократовата заклетва во својата хуманитарна мисија, наведува телевизијата.