Приредила: Јованка КЕПЕСКА
Според Јован Хаџи – Василевиќ, околу дваесетите и триесеттите години од XIX век се споменува учителот Илија Лигуш од Варош. Таму било градското училиште. Тој учел деца по старовремски кeлијното училиште при црквата Св. Димитрија во Варош. Се служел со манастирки црквени книги. Имало и други учители како Ѓорѓи Самуроски (околу 1830 – 39), Кој со Натанаил од Кучевиште ја превел книгата „Еврејско служение“, (печатена во Солунската македонска печатница, 1839), познат под името Ѓорѓи Велешанец, па се споменува некој Хаџи Ристодамнаноски, па Алекса Кочов, па учителот Алекса Тополчанец (кој учел по ново) и др. Поместени на покана во 50 до 60 год. биле даскалот Секула и Ицо Колчак и Алекса Смичко. Сите овие биле прво ученици во градската школа во Варош па отишле учители по стар начин килијно – старовремско училиште а Секула продолжил и по манастирската метода.
Патописките Англичанки Ирбиева и Макензиева пишуваат дека кога минувале низ Прилеп имало две училишта – македонско и влашко – грчко.
Книги за училиштата се набавувале од Москополе.
Диме Биолчев и Тодор Кусе се први иницијатори за словенско македонско училиште. Веќе штом се подигнала црквата Богородица, во 1838 година се создале услови и за народно училиште. Со помош од црквени и народни пари во 1843 год. се подигнало првото мак. училиште во Прилеп. При него се основала и библиотека. Со тоа се создале можности за култура и просвета не само за учениците туку и за граѓаните. (Рекол Глушковиќ во 1842 год. според архм. Антонин).
Во ова училиште се учело на словенски. Во мода била ланкастерската система – учениците го читале на глас урокот, дури учителот се занимал со другото одделение. Така било се до 1868 год. Во училиштето имало и грчко – цинцарско училиште. За него спомнуваат и патеписателките Ирбиева и Макензиева . Во него се учеле децата на Цинцарите, Грците (кои биле и во многу мал број), Арнаутите и децата на Прилепската аристократија (кои го сметале ова училиште за повисоко). Ова училиште траело до 1868 кога се фузионирало со македонското.
Во ова училиште предавале учителите: Глигор Прличев, Димитар Миладинов, Рајко Жинзифов, Јордан Хаџи – Константинов – Џинот. Глигор Прличев бил учител кратко време во 1853 година. Прличев се покажал како добар учител, малку суров – тепал деца. Го напуштил Прилепското училиште поради прилепските чорбаџии кој го сметале учителот како нешто подолно од себе си, како позаден човек.
Димитар Миладинов дошол за учител во Прилеп во 1856 год. и вовел нов метод на учење и предавање на народен јазик. Помошник му бил Рајко Жинзифов. Тие развијале голема културно-просветна дејност. Исто така борбата против фанаријотите уште повеќе ја засилиле. Собирале народни умотворби: песни, приказни, пословици и др. Во 1858 год го напуштиле ова училиште и отишле во Кукуш каде што ја продолжиле борбата против фанаријотите и го пренеле нивниот метод во училиштето на народен јазик.
Во 1859 бил учител во Прилепското училиште Јордан Хаџи – Константинов – Џинот. Кај Прилепчани оставил добри спомени. Бил многу речит. Покрај работата во училиштето развивал и дејност меѓу народот. Држел предавања на историски теми. Ги запознавал прилепчани со минатото. Со битолскиот владика Венедикт не бил во добри односи. Го мразел. Еден ден нарочно ги задржал до три саатот прилепчани со предавањето од историјата со намера да го остави без ручек и владиката. Прилепчани ги наполниле коридорите до вратата од собата каде што бил владиката. Владиката не можел да си отвори. Така останал в соба дури не се свршило предавањето. Друг ден му наредил на слугата да стави во гувечот со оган лути пиперки па лутата миризба да оди кон владичката соба „да го излекува владиката од магарешка кашлица“ – како велел Џинот. Но поради тоа го замразил Џинот и го наклеветил кај турскиот валија па Џинот бил протеран прво во Велес, а во 1860 протеран од Мехмед Кабрзли – паша во Агула – Мала Азија. По пат го терале турски коњаници. Еден од нив го удрил со камшик и така од ударот истекло едното око.
Во 1866 година дошол од Пловдив за учител во Прилепското училиште Никола Генчев Еничеров. Тој бил главен за учител од прилепските чорбаџии – првенци за 9000 гроша годишно. Во своите спомени тој пишува како го пазариле за учител. Штом стигнал во Прилеп и дошол во училиштето, го повикале прилепските чорбаџии да дојде во анот на Димко Ачко. Со служителот тој отишол во тој ан. Таму веќе се збрале сите повидни граѓани – чорбаџии: Д. Ачко, Мирче Бомбол, Д. Х. Илија, Диме Попе, Јосе Крапче, Хаџи – Ангеле, Ило Граше, Михале Врета, Наум Маџар, Јека (Цинцар), Х. Попо (Константин) (Влав), Даме Петров, Коне Лепафца и Јека – (Арнаутин).
Во Прилеп во ова време немало Грци, а имало неколку куќи Власи и Арнаути кои лесно се грчеле бидејќи добивале поткрепа од Грците.
Младината и еснафите се радувале при идењето на учителот Никола Еничеров, а Арнаутите и Власите гледале со недоверба. Со идењето на Никола во Прилепското училиште се образувало два класа ( I и II ) и основно училиште. Во основното училиште предавале учителите Секула Петров и Ицо Колчак. Основното училиште броело околу 300 ученици. Учениците во основните одделенија учеле по таблици. Две одделенија во иста училница. Никола Е. Ганчев учел ученици од I клас. Во класот имало 60 ученици, веќе возрасни. Некои од учениците иделе од дома на магариња и ги врзувале магарињата во црковниот двор. Потоа, по свршувањето на наставата пак на магариња си оделе дома. Како раскажува Никола Ганчев биле многу недисциплинирани, бујна прилепска крв. Носеле ножиња и ками со себе, се тепале со грчките ученици, излегувале од клас надвор без прашање, бркале кучиња по улици и врзувале тенекиња. Играле разни игри: долга магарица, … Голема мака видел овој учител дури вовел ред во училиштето.
По тоа време се приредувале и панаѓури во Прилеп и биле добро посетени. Во Прилеп има во 60-тите години две македонски книжарници и една турска. Во турската книжарница се продавале турски весници, книги и други потреби за турските ученици.
Од македонските книжарници едната ја раководел Андреј Ресненица. Продавал црквени книги, икони, календари и руски книги.
Во втората книжарница се продавале книгите печатени од Хр. Г. Данов. Ја раководел В. Манчев.
Но уште поважна роља играла македонската книжарница на Петар Шапкарев, во која се продавале книгите – учебници од брат му Кузман Шапкарев. Петар Шапкарев бил во истово време ќурчија и книжар. Овие книги биле пишувани на македонски јазик.
Во Прилепското училиште се изведувала наставата пред пладне и по пладне. Пред пладне учениците имале еден урок и краснопис, а по пладне еден урок и турски јазик. На основното училиште раководител бил Ицо Колчак и Секула Петров, а на главното Никола Ганчов Еничеров.
Имало и грчко основно училиште со 40 – 45 ученици и 10 – 15 ученички, синови и ќерки на прилеп. аристократија и некои Власи и Арнаути. Го раководел Македонец учител кој знаел грчки по име Петар Димитров од Костурско. Во главното елинско училиште имало 20 – 25 ученици (I и II клас).
Имало и девическо – ракоделно училиште кое го раководела Баба Недела Петковица – Караиванова со ќерка ñ Катерина. Во ова училиште имало 100 – 120 ученички.
Освен тоа, според описот на Никола Ганчов во Прилеп имало и две приватни училишта. Тие се одржувале во приватни куќи. Едното го водел Коте даскалот, а другото Алекса Смичко. Имало по 30 – 40 ученици. Учителите учеле по старовремски, со црквени книги.
Според тоа во Прилеп кон 60-тите (1866) години имало неколку разни училишта со околу 500 ученици и 120 ученички. Работеле 7 учители и една учителка.
На крајот од учебната година се правел јавен годишен испит. За тој акт се поканувале и роднини, повидни граѓани и првенци на турската власт. Се пееле и турски песни: „Нашири тур“. На испитот збореле со дискретна помош на учителот.
Баба Недела (1864 – 67) употребувала во наставата дијатинска – двојна система – учениците си покажувале едни со други. Адамче Зограф од Прилеп ќе им нацрта на учителките некаква слика на пр. на Св. Ѓорѓија на коњ на посна хартија, и тие, после учителките, го везеле на гергев.
Учителката Баба Недела пушела со долго чибуче и влегувала во кафињата кај мажите. Прилепчанките немале добро мнение за неа и не се дружеле.
Во основното училиште се учеле: 4 дејства, правило тројно, читање, историја, краснопис.
Во приватните училишта кои ги раководеле Коне Уста Илиев, Смичко, учителот седел крст нозе на миндер и работел терзилак, и ученикот можел да се јави секој момент штом ќе го научи урокот. Учителот ќе го прекинел шиењето и ќе го сослушал ученикот дали го научил својот урок. Учеле на словенски јазик, но исто така ги готвеле во текот на три години да можат да научат сметање колку им е потребно за трговци, или да се подготват за свештеници. Учениците лежеле по подот на училната и пишувале или на колено или спружени на мевот. Во зимно време учениците носеле и дрва од дома за печката од училиштето. На ручек не си оделе дома, ручале во училниците. На пладне, лежеле и се одморале во дворот или во училиштето.
Учеле: Буквар, „Црквено пеење“, 4 практични дејства од сметање, правило тројно, краснопис (многу се држело на ова), пишување писма и сл.
Вака учеле: Даскалот Коте. Во Варошко – маало, Ал. поп Смичко, Диме Плетварец, Аце Тополчанец, Х. Пипо (од 1850 – 1870 год.).
Никола Ганчев Еничеров бил учител во Прилеп од 1866 – 1879 год. Во тоа време биле учители и Ѓорѓи Икономов, Ицо Колчак и Секула Петров од Прилеп, Васил Алексов и Кузман Шапкарев и др.
Интересно е да се одбележи дека учителот Никола Ганчов го посетил во Велес Јордан Х. Константинов Џинот по неговото враќање од заточение од Ајдан. Тој го опишува Џинот како висок човек, со испиено лице, со едно око, за кој Велешани малку воделе грижа. Тогаш Џинот имал околу 50 години. Џинот бил учител во Скопје, Велес и Прилеп. Пишувал во Цариградски весник во 1851 – 53 разни свои спомени.
Го напаѓал Богоров за нелогичности. Тој прошета низ Македонија и низ оние важни градови: Скопје, Велес, Прилеп, Битола, Куманово, Дебар, Кавадарци и др.
Во Прилеп Венедикт зел потписи од сите прилепски видни граѓани и чорбаџии само не од познатиот Ангеле Х. Мирчевиќ но морал да се крие в мусандри пет дена дури не си поминува владиката Венедикт.
Од 1864 – 66 бил учител Ѓорѓи Економов кој дошол од Бугарија.
1820 год. дошол за учител во женското ракоделно училиште Сава Палешери – родом од Велес.
Според спомените на Никола Ганчев Еничеров, интелигенцијата и буржоаска младина во Прилеп ја сочинувале следните: браќата Димо, Ничо и Коста Биолчевци, браќата Тоде и Иван Кусевци, Марко К. Цепенков, Адалче Зограф, Васил Крапчев, Коне Прцан, Ило Здравев, Коне Чешлар и др.
Диме Биолче бил личен и интелигентен. Тоде Кусев со него се дружел и советувал. Свршиле грчко училиште кај учителите во Прилеп: Коте и др. Ило Здравев свршил грчка школа но подоцна во Кожани и славјанска кај прилепски учител.
Повеќе од овие имале свои магазини и продавале басми, селски алишта, гајтани и др. Во исто време, да не губат време и шиеле. Така на пр. Марко Цепенков бил и терзија, продавал басми, селски алишта и капи во дуќанот, а исто така и збирал од селани и приказни. Татко му на Марка, Крсте Цепенков, бил билкар и збирал по селата разни лековите билки па ги продавал. Цепенков кога ќе одел по села да збира вересија ја користел приликата и збирал приказни дури од најзафрлените села во Прилепската околија. Ако му дојдел некој селанин на дуќан и ќе му кажел некоја добра приказна, Марко ќе извикал: „Е, многу ми го стори ќефот, со тие зборови“ пак потоа: „Дете нарачај едно кафе и три филџани; според исказ на Никола Еничеров, Марко бил весел човек, секогаш расположен, од уста не го симнувал лулето, се му чадело. Затоа Прилепчани го викале на шега: „Беше и оган“. Тогаш Марко Цепенко на возраст 26 – 27 години. „Бил дробен по раст, во долга антерија, плоска глава однапред. Собрал над 500 народни приказни и песни и играл видна улога на времето“. Некои песни собрани од Цепенков ги инспирирале: Ал. Конев и Т. Гавазов.
Во шеесетите и седумдесетите години во Прилеп во библиотека и читалиштето „Недела“, 1867 година, кое се наоѓало при училиштето, се читале 5 – 6 турски весници, „Курије“, „Орион“, грчки весник „Имера“, „Цариградски весник“ и др.
Во читалиштето се собрале доста управители. Последниот бил Тоде Кусе. Идело дури и некое берберче Илија и учело да чита.
Библиотеката располагала со 1550 книги. Доста граѓани, особено ученици и младина учеле од овие книги.
На 25 – II – 1868 во Прилеп се спроведува голема кампања против Цариградската патријаршија против фанариотите и узрочник во … Под влијание на прилепската интелигенција, во црквата, кога дошол и грчкиот владика Венедикт се организирал бунт против законот на … како и беседот кој обично се држел од амвон. Кога се качил грчкиот џакон да го кани свештеникот од амвон се чуја од среде црква од архимадарот Коста Корати: „Нејќиме грчки, долу“. Исто го подзеле и повториле и други и така џаконот морал да слезе од амвонот и се читало само на словенски.
Во 1891 / 2 година во Прилеп бил назначен за учител Ѓорѓи Трајчев, родум од Прилеп. Тој во своите спомени ни ги дава ваквите податоци за состојбата во школството во Прилеп во тоа време. Тој и жена му биле погодени (условени) да учествуваат за 37 лири годишно. Тогаш во Прилеп имало две училишта: Училиште „Свети Кирил и Методиј“ и женско ракоделно (девическо) училиште. Според Трајчев училиштата биле добро подредени и снабдени со училишни помагала и располагале со добар учителски кадар. Директор на училиштето веќе од 1889 год. бил педагогот Анастас Наумов. Училиштето имало училишен одбор (настојателство) кој водел грижа за училиштето како за неговото материјално издржување така и за неговиот учителски кадар. Во тој одбор влегувала најистакнатата градска интелигенција, трговци, занаетчии. Ѓорѓи Трајчев ни ги цитира следните граѓани кои биле во таа учебна година во училишното настојателство: Сотир Илиев, Илија Самарџиев, Ѓорче Панов, Даме Небреклија, Ицко Хаџи – Попов, Михајле Зерде и др. Учителите и потребите за училиштето се плаќале од црквената каса. Годишниот буџет износел 1000 наполеони. Само директорот го плаќала Егзаргијата во Цариград. Прилепските училишта биле автономни; учителите ги назначувало и уволнувало училишното настојателство. Порано, видовме, дека и директор бил назначуван од настојателството, но од 90 – години Егзархијата ја презела таа должност на себе.
Значи училишното настојателство играло важна улога. Имало право да ги назначува и уволнува учителите, да прави ревизија на наставата и да ги води стопанските грижи. Ваков систем на управа бил вовед во Прилеп уште од 1864 година.
Според сведенијата што ни ги дава Трајчев настојателството има свој правилник за редот и уредбата во училиштето, а само училишната програма ја дава Егзархијата.
Се водел спор меѓу Егзархијата и Прилепското училишно настојателство околу програмата и назначувањето на директорот. Прилепчани откажале да примаат помош од Егзархијата за издршка на директор само да се запази автономијата во училиштето и сами да си назначуваат директор.
Во 1891 / 2 учебна година имало вакви училишта (според Трајчев):
- Централно машко основно училиште со забавачница во 2 паралелки. Ова училиште има 750 ученици. Имало 8 паралелки основни одделенија и три класа ( I, II и III).
- Женско (девическо): забавач, 7 паралелки и три класа. Сѐ 600- ученички.
Таа година Прилеп располагал со 29 учители (17 учители и 12 учителки).
Женското училиште имало своја директорка.
Директор на Централното училиште бил Ордан Бомбол, кој свршил школа во странство и владеел добро француски јазик. За него се спомнувам јас дека и во моето детинство тој беше интелектуалец кој во време на матни воени ситуации беше временен претседател на градската општина. Тој ги поздрави Французите на француски кога дојдоа во 1918 год. по Првата светска војна во Прилеп.
Ордан Бомбол го поздрави на француски Едуард Ерио, кога тој мина низ Прилеп во време на Бивша Југославија.
Како ни соопштува Ѓорѓи Трајчев во 1891/2 година биле во централното училиште следните учители: Ст. Мирчев, Ордан Јанчулев, Пере Тошев, Ордан Тафчија, Ѓорѓи Трајчев, Илија Иванов, Илија Х. Ташов, Никола Смичко, Ангеле Воденичаров, Д. Неделков, А. П. Стоилов и др.
Централното училиште било сместено во старата зграда која била подигната во 1843 и за која зборувавме порано. Училиштето имало доста кабинети. Имало при училиштето и библиотека која располагала со 403 книги, разни списанија и весници. Оваа библиотека ја ползувале и граѓаните. Имала 628 читатели (од овие 155 граѓани, 47 граѓанки а другото го чинеле учениците). Учителите надвор од ученичката работа развивале широка дејност за просвета и културно издигање на граѓаните. Давале разни претстави, читале реферати пред колегиумот и пред членовите на настојателството.
Така во таа година се играле пиесите: „Смртта на кнез Потемкин“, комедијата „Неправедно признат за луд“. Со иницијативата на учителите и парите од разни приредби и претстави, се отворило во Прилеп и Неделно училиште за калфите и чираците. Тоа броело 50 ученици, распределени во 3 паралелки.
Директорот, Ордан Бомбол, бидејќи богат човек ја поклонил целата годишна плата на црквено – училишната општина. Црквено – училишната општина претставувала најголема власт за црквата и училиштата. Се ценела како од Прилепската турска власт исто така од народот во Прилеп и околијата.
Главана улога во изборот на Црквено – училишната општина ја играле прилепските еснафи. Во Прилеп (според спомените на Трајчев) имало 38 разни еснафи. Прилеп имал една од најдобрите еснафски организации во Македонија. Самиот број на еснафите го кажува тоа. Секој еснаф имал свој шеф баш – мајстор, кој се бирал секоја година (порано на 2 – 3 години). Еснафот си имал свој патрон кој го познавал секоја година и на тој ден се одело по куќите од еснафите на честитање.
Според Трајчев еве како станувал изборот на црквено – училишната општина во Прилеп: Секоја учебна година се приготвувал список од старата црквено – училишна општина во кој се набележувале 36 кандидати за идната црквено – училишна општина. Овој список се праќал до баш – мајсторот на секој еснаф. Потоа баш – мајсторот свикувал еснафско собрание. На тоа еснафско собрание се избирале 12 лица. Списокот од 12 лица, потврден со еснафскиот печат и со потписи, се враќал назад на старата Црквено – училишна општина во затворен плик.
Старата црквено – училишна општина го отварала пликот, ги пребројувала гласовите и ги прогласувала 12 лица за членови на идната црквено – училишна општина. Потоа ги поканувале на годишно собрание – заедничка седница; На заедничката седница или годишното собрание се давало разрешница на старите членови, а ново избраните ја преземале управата за таа учебна година.
Значи, овој избор на црквено – училишна општина се вршел повеќе по традиција, а не по некој напишан правилник или устав.
Новата управа се конструирала: си избирала свој претседател и 6 граѓани за училишно настојателство (училишен одбор), и 2 члена за епитрапи.
Таа учебна година (по Трајчев) во управата биле граѓаните: Хаџи – Здраве, Х. Ангелов, Коста Бомбол, Т. Х. Попов, Т. Богданов, Ил. Небрежанец, Аце Трпе, В. Крапче, Ив. Попе, Пл. Мирче, Кочо Небреклија и Аце Јанев.
Слична била состојбата на училишното дело и во идните учебни години до крајот на 19 век.
Важно е да се одбележи (а базирајќи се на податоците од Г. Трајчев) дека во прилепското училиште главно учителите биле Прилепчани, месни сили – интелектуалци. И во 1892 / 3 директор бил Ордан Бомбол. Со парите (30 лири) од неговата годишна плата се снабдени и уредени уште повеќе кабинети. Во таа учебна година доаѓа за учители во Прилеп Даме Груев.
Црквено – училишната општина се погрижила да согради нова зграда. Се пуштил список за помош и прилози за градење на нова зграда за учителите. Тој список кружел меѓу прилепските еснафи и одделни богати граѓани. Се јавиле многу дарители. Хаџи Мирче Бомбол подарил 500 лири, Коста Бомбол 31 лира, Хр. Фукара 330 лири; Потоа секој еснаф дал по нешто според своите сили: Сарафскиот еснаф 78 лири, Бакалите 57 лири, Неделното училиште 60 лири, Ракиџиите 20 лири, Ковачите 16 лири, Пазарџиите 11 лири, Калајџиите 10 л., Кондураџиите 10 л., Јорганџиите 10 л., Самарџиите 10 л., Кантарџиите 7 л., Казанџиите 6 наполеони, Папуџиите 5 наполеони, Фурнаџиите 4 лири, Пајтонџиите 3 лири, Пагурџиите 3 наполеони, Дограмаџиите 4 минца и др. еснафи и граѓани.
Така се собрало 1266 лири. Со овие пари а исто така и со пари од Црковната каса се изградило во 1894 год. новото училиште „Свети Кирил и Методиј“ во Црковниот двор. Оваа училиште изгоре за време на бивша Југославија. Училиштето беше двокатно, со хигиенични училници и сала.
Директор во учебната 1893/4 бил Паскал Рачев. Училиштето имало педагошки Совет и заемно си помагале во усовршувањето на членовите. За таа цел се читале реферати на педагошки и научни теми. Според Спомените на Г. Трајчев се читале реферати. „За чувството“, „Паметна“, „Важноста на веселиот дух при воспитувањето“, „Домашното воспитание на децата во врска со училиштето“, „Училишна хигиена“ и др.
Од Ѓорѓи Трајчев во неговите спомени добиваме податоци и за положбата на учебното дело во Прилеп и во почетокот на 20 – век до Балканската војна.
Во 1907 / 8 и 1908 / 9 учебна година Ѓорѓи Трајчев бил назначен за Управител на Прилепското централно училиште „Кирил и Методиј“.
Во тие учебни години имало во училиштето околу 2500 ученици и 44 учители. Трајчев бил и околиски инспектор и вршел ревизија на училиштата во Прилепската околија.
Таа година се отворило уште едно ново маалско училиште во куќата на Рошковци. Според Трајчев во него работеле 21 учител. Класни учители биле: Ил. Кепев, Д. Котев, Ик. Димитров, В. Христов, Д. Беќаров. Во централното основно училиште биле учителите: Д. Х. Попо, Тод. П. Адамов, Ордан Ацев, М. Колиштрк, Милан Кокаровски, Милан Грабула, М. Зојчев.
Во Варошко маало имало основно училиште во кое работеле: Ил. Костов, Р. Боцева, В. Гочева, Фанка Танева и Г. Димев.
Од училишни помагала во училиштата имало: 63 физички апарати, по хемија 52 помагала, 110 минерали, по зоологија еден човечки костур, грло, уво, око, разни препарирани инсекти и животни, 120 слики на животни, 40 слики на растенија, 5 историски и 16 географски карти и 2 глобуса.
Тогаш библиотеката имала 1150 книги и имало 2500 читатели (ученици, граѓани и граѓанки).
Важно е да се одбележи дека во 1907 / 8 учебна година имало училишта во 22 села во прилепската околија.
Според Г. Трајчев во 1908 / 9 се отвориле основни училишта уште во 20 нови села од Прилепската околија, па бројот во оваа учебна година изнесувал 42 училишта.
Во нив работеле 46 учители и учителки и било опфатено околу 1200 ученици.
Таква била положбата на учебното дело во Прилеп до Балканската војна.
(Ракописот е значајно поголем и содржи информации за одделните дејци на културно-просветното дело во Прилеп.)