Македонија лидер во регионот за злоупотреба на европските пари. Европската служба против измами, попозната како ОЛАФ, објави дека има 36 истраги за Западен Балкан, од кои дури 18 се во Македонија. За ТВ 24 од Брисел, директно од ОЛАФ, на прашањата, за какви истраги станува збор и колку пари се проневерени и злоупотребени, велат:
– Не сме во позиција да споделуваме детали за поединечни случаи надвор од информациите содржани во годишните извештаи на ОЛАФ. Ова е со цел да се заштити доверливоста на истрагите и можните судски постапки кои следат, како и да се обезбеди почитување на личните податоци и процедуралните права.
Евроамбасадорот Гир порача, одговорност мора да има, ако истрагите на Брисел резултираат со сомнеж за криминални активности, случајот ќе оди до обвинителството, а ЕУ одблизу ќе ги следи активностите на Јавниот обвинител.
– Ова покажува колку сериозно ЕУ пристапува и го проверува начинот на кој парите од европските даночни обврзници се трошат во оваа земја. ОЛАФ е сериозно тело кое спроведува истраги. Јас ја потврдувам таа бројка, но не можам да навлегувам, нити ги знам деталите во истрагите што е направено. Но, можам да потврдам дека има различен контекст на структури поврзани со тие случаи, различни субјекти кои се дел од тие истраги. – рече Гир.
Од јавното обвинителство пак без многу детали. Порачаа дека во моментот има судска постапка за само два предмети, а за останатите предмети во кои обвинителството соработува со ОЛАФ, велат дека се во предистражна постапка и за нив не може да споделат детали.
– Во моментов има два предмети од надлежност на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција што се во судска постапка – предметот против именуван функционер и раководен државен службеник кои ја злоупотребиле службената положба и овластување при спроведување на ИПА Проекти и предметот против против поранешната директорка и двајца вработени во Националната агенција за европски образовни програми и мобилност. – велат од Јавното обвинителство.
Телевизија 24 го контактираше и Секретаријатот за европски прашања. Велат дека не располагаат со информации кои фондови била злоупотребени и кои македонски институции ги користеле. Порачаа дека ОЛАФ постапува по анонимни дојави.
– Откако ќе ја спроведе истрагата, ОЛАФ преку Делегацијата на ЕУ доставува извештај со наоди до Националниот координатор за авторизација (НАО) при Министерството за финансии (МФ), која по службена должности ги известува АФКОС, Јавното обвинителство и Финансиската полиција за постапување согласно националното законодавство. – велат од Секретаријатот за европски прашања.
Неофицијално, владини извори за ТВ 24 велат најмногу злоупотреби се вршеле со ИПАРД програмите. Но, кој и колку пари се злоупотребени, останува засега непознаница.