Од понеделник ССМ ќе одлучува дали ќе протестираат и ќе ја блокираат Владата со градежна механизација, објавува ТВ Сител. Синдикатите најавуваат жесток одговор за донесените законски измени со европско знаменце. Велат нема да го чекаме потегот на Пендаровски, туку веднаш до Уставен ќе поднесеме иницијатива за оспорување на одлуката за зголемување на работната недела од 40 на 72 часа.
Загрижени се што законските измени може да засегнат и други работни места, затоа што не е дефинирано што е стратешки интерес за државата. Па така, и за работниците кои не се во градежништвото, постои ризик да работат и прекувремено и во недела и за празници. Токму затоа конфедерациите се сплотиле и заеднички ќе одговорат на, како што велат, ударот од власта.
„Не сакаме да се врати ропството во Македонија и не сакаме тие работници што во овој момент ги имаме со нас да гинат на работните места. Овие законски решенија не носат ништо добро. Да не се залажуваме и да веруваме во изјавите на владините претставници дека вака побрзо и поевтино ќе возиме по автопати. Напротив, не ни требаат такви автопати доколку на нив падне крв и човечки живот“, вели Иван Пешевски, ССМ, за Сител.
Според Пешевски, најтрагично е што досега сите ангажирани компании се странски.
„Најголемиот дел од средствата ќе се одлеат во странските компании. Бехтел и Енка и сите оние коишто ќе бидат ангажирани на тој проект. Досега не видовме дека Бехтел и Енка има план да ангажира од домашните работници и домашните компании, бидејќи до синоќа ние немавме информација дека некој од нашите членки земал работа“, вели Пешевски.
Речиси секојдневните скандали со американско-турскиот конзорциум, го фрли во сенка надзорот на коридорите за кој посебен предмет водат и јавното обвинителство за организиран криминал и антикорупциската. Надзор на изградбата ќе вршат две фирми кои се поврзуваат со Бранислав Димитријевиќ, лице со криминално досие по кого трага ерменското обвинителство и една која порано шиела долна облека, па добила нова лиценца додека траел тендерот.