Почина поранешниот претседател на Албанија, Бујар Нишани, еден месец откако во тешка состојба беше хоспитализиран во болница во Германија. Здравствената состојба му се влошила по неговата инфекција од Ковид-19 пред два месеци.
Нишани беше примен на болничко лекување во Тирана на 20 април поради компликации од пневмонија започната со пост-ковид фиброза во белите дробови.
Во Албанија се лекувал во болницата Шефќет Ндроќи, на 23 април бил префрлен во болница во Германија на специјализирано лекување, но во меѓувреме паднал во кома.
Лекарите ги советувале членовите на семејството да донесат одлука за еутаназија, поради изгубените надежи дека ќе се разбуди.
Боледувал од автоимуна болест на црниот дроб и не успеал да ги надмине последиците од вирусот. Нишани беше на чело на Албанија од 2012 до 2017 година и беше најмладиот претседател избран на оваа функција, со 47 години кога положи заклетва. Почина на 56-годишна возраст.