Продолжуваат прозивките и јавните обвинувања помеѓу шефовите на Управата за финансиска полиција (УФП) и на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Арафат Муареми и Вилма Русковска, по претресот во УФП.
Откако Русковска вчера рече дека е подготвена информациите што ги има нејзиното обвинителство и што ќе ги обезбеди за Муареми да ги сподели со јавноста, па таа нека суди кој е криминалец, а кој борец против криминалот, директорот на УФП во реакција вели дека ако таа располага со сознанија и информации за криминал што тој го направил, тогаш со јавноста нека сподели обвинителен акт, а не празни и неосновани информации, директорот на финансиската полиција ѝ одговори на обвинителката дека одговорност за нејзиното самоволие мора да има.
-Улогата на еден јавен обвинител најмалку од сè е да изјавува дека ќе сподели сознанија и информации со јавноста за таа да суди кој е криминалец. Обвинителката Русковска како намерно да заборава дека криминалот се докажува во рамки на институциите, а граѓаните се тие кои им укажуваат доверба врз основа на нивната работа. Обвинителке, ако се земат последните анкети предвид, довербата на јавноста и не ви е многу наклонета. Оттука, ја повикувам Вилма Рускоска, доколку располага со сознанија и информации за сторен криминал од моја страна – истите да ги докаже и на јавноста да ѝ пласира обвинителен акт против мене, а не празни и неосновани сознанија и информации, дискредитирајќи ја во целост функцијата која ја извршува, вели Муареми.
Тој во реакцијата додава дека негонењето криминал поради притисоци е кривично дело, а за честа и угледот на обвинителната вели дека е беспредметно да коментира.
Во врска со повикот на Русковска меѓународната заедница и европската обвинителка Лаура Ковеси да ги проверат сите предмети што ги работи нејзиното обвинителство и да се расчисти кој во оваа држава се бори против криминал, а кој прави криминал, Муареми одговара дека се придружува на повикот. Меѓутоа, како што вели, за меѓународната заедница да го провери нејзиното незаконско работење што го констатирал и државниот обвинител Љубомир Јовески.
-Се придружувам и јас кон вашиот повик до амбасадите и сите страни на кои се повикувате за „помош“ – нека го потврдат и тие она што јавниот обвинител на Република Северна Македонија го утврди со надзорот над вашето незаконско работење и неетичко постапување. Одговорност за вашето самоволие мора да има, вели Муареми во реакцијата.
Изјавата на директорот на финансиската полиција доаѓа по вчерашниот повик на Русковска кон меѓународната заедница да реагира поради притисоци од негова страна.