Врие во јавноста, но врие и во струмичко за рудникот во Иловица. Од граѓанската “Здрава котлина” најавуваат дека ситуацијата допрва ќе станува жешка, особено по, како што велат дрската изјава на министерот за економија Крешник Бектеши, дека нема да ја повлечe одлуката за спојување на мртвите концесиите.
Спогодбата со Швајцарија за заштита на инвестиции, пак би можела да биде искористена за меѓународна арбитража за рудникот „Иловица“, велат од компанијата Еуромакс ресоурсис, од каде тврдат дека нивен мнозински акционер е Групацијата Трафигура, која како правно лице подлежи на правото на заштита во согласност со наведената билатерална спогодба.
– Согласно член 10 став 1 од билатералната спогодба, кога ќе настане спор меѓу заштитените инвеститори и Република Македонија, ќе се одржат активни консултации меѓу засегнатите страни со цел спорот да се реши на „пријателски начин. Понатаму, доколку консултациите не резултираат со решавање на административниот спор, спогодбата предвидува дека инвеститорот може да поднесе барање за решавање на спорот до Меѓународниот центар за решавање на инвестициски спорови или Ад-хок судот воспоставен во согласност со арбитражните правила на Комисијата за меѓународно трговско право на Обединетите Нации – велат од Еуромакс ресоурсис.
И понатаму остануваат да лебдат во воздух многу прашања, откако минатата сабота по одржувањето на протестот, неколку актуелни министри изјавија дека се против отворањето на рудникот Иловица-Штука. И додека Бектеши тврди дека Министерството за економија нема да го смени ставот околу спојување на концесиите за „Иловица – Штука“ и концесионерот „Еуромакс“ и колку и пати да е потребно ќе го достави истиот предлог, денеска вицепремиерот Фатмир Битиќи, пак вели дека отворањето на рудникот ќе зависи од граѓаните.
Во меѓувреме, продолжува политичко-вербалната војна за концесиите за рудници во Струмичко. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека Ковачевски и СДСМ една недела градат реторика на лаги, и покрај сите документи кои излегоа во јавноста.
Во текот на вчерашниот ден седница на општина Босилово била одложена без официјално објаснување, а за време на паузата се случил инцидент, истакнуваат од невладината “Здрава котлина“, од каде за ТВ 24 велат дека ќе бараат писмено официјално известување, но и одговорност за одлагање на седницата. Инаку, прашањето за рудникот повторно се актуелизира откако Владата на 27 јуни ја усвои Одлуката за спојување на концесиите за експлоатација за „Иловица-Штука“, по предлог на Министерството за економија.
По ова следуваше протест на активистите од „Здрава котлина“, кои порачаа гласно НЕ за, како што го нарекуваат “рудникот на смртта“. Засега останува најавата дека во вторник на седница веќе усвоената одлука за спојување на концесиите повторно ќе се разгледува.