Со положување на цвеќе на спомен бистата, Општина Велес денеска ја одбележа годишнината од смртта на Благој Ѓорев. Денеска се навршуваат 81 години од загинувањето на македонскиот комунист и учесник во НОБ. Спомен бистата се наоѓа во велешка Маслодајна, која до 2020 година го носеше името на Благој Ѓорев.

Благој Ѓорев бил член на СКОЈ и на Комунистичката партија. Како младински и партиски активист бил еден од првите борци на Велешкиот партизански одред „Димитар Влахов“.

Во неговата куќа се печател партискиот весник „Народен глас“. Учествувал во сите борбени судири со бугарската војска и полиција. Бил убиен во заседа од бугарската полиција.