Предлогот на португалското претседателство, на кој сега ќе работи Словенија, која од денеска го презеде претседавањето со Европската Унијата е единствениот се уште жив и валиден предлог за решавање на спорот со Бугарија, порача денеска шефот на дипломатијата Бујар Османи на прес-конференцијата во Охрид, во врска со можноста од Првата меѓународна конференција во рамките на Преспа форумот за дијалог да произлезат некакви нови можни решенија.

Османи, кој на прес-конференцијата говореше за активностите и значењето на оваа Конференција за евроинтегративниот процес на Северна Македонија, но и на целиот регион, одговарајќи на новинарско прашање за евентуалното можно пронаоѓање нови решенија на маргините на настанот, на кој учествуваат и високите американски претставници Филип Рикер и Метју Палмер, нагласи дека португалскиот предлог останува.

-Немавме отворено отфрлување од страна на Република Бугарија и затоа го сметаме како единствениот се уште жив и валиден предлог којшто сега се пренесува на новото претседателство. Се разбира, претседателството е тоа што ќе утврди пристап како ќе пристапат двете земји и како ќе го отвори тој дијалог. Меѓутоа, од разговорите што ги имав со мојот колега министерот Логар е дека словенечкото претседателство активно ќе се преокупира со ова прашање со цел да има успех којшто би се крунисал на Самитот којшто го организира Словенија на 6 октомври, истакна Османи.

Вели и дека тајминот за одржување на оваа Конференција е сосема поволен во моментов, со оглед на тоа што првично требала да се одржи на 15 и 16 јуни пред Самитот на Унијата, а во тој случај, како што рече, ќе се зборувало за надежи и за очекувања.

-Оттука сметам дека на оваа конференција, на овој форум искрено разговараме и рефлектираме по однос на тоа што се случи и се разбира разговараме како да го заживееме тој процес за целиот регион. Очигледно алтернатива нема. Ја гледате темата на оваа конференција Западниот Балкан, парчето што недостасува за комплетна Европа едноставно Балканот е остров во самата ЕУ, географски, економски, политички и културно е невозможно да има каква било алтернатива, порача шефот на дипломатијата.

Додаде дека прашањето е како да ги убедиме земјите членки дека е во нивни интерес да нема отвор на срцето на Европа.

-Знаете дека неприродните отвори се или точки на крварење или влезни точки за различни проблеми коишто може да го зафатат целото тело, а европскиот континент е едно тело и ние сме неодвоиво парче од тоа тело, истакна Османи.

На прес-конференцијата Османи ја спомена и иницијативата Б-6, која започна вчера на негова иницијатива тука во Охрид, како средба на министрите за надворешни работи и нивни претставници од шестте земји во регионот.

Османи нагласи дека вчера на средбата со неговите колеги не разговарале за мини шенген, туку за идејата за етаблирање на неформална платформа на министрите за надворешни работи кои самоиницијативно, без некој да ги повика од ЕУ или друга организација ќе се среќаваат редовно пред секоја поголема меѓународна средба за да ги координираат нивните ставови и да излезат во еден глас за прашањата кои се од заеднички интерес.

.