Македонската одбојкарска репрезентација вечерва против Израел од 20 часот во салата „Парк“ во Струмица ќе го игра вториот натпревар од групната фаза во Европската сребрена лига.
Капитенот Никола Ѓорѓиев, кој со 20 поени ги предводеше вчеравечер „црвено – жолтите“ во триумфот од 3:0 во сетови над Кипар, истакна дека целта на македонскиот тим е освојување на првото место во групата А.
– За нас ова беше очекувана победа иако можеби ја извојувавме потешко отколку што мислевме. Најважно е што победивме и сега треба да се насочиме кон другите натпревар со противници коишто се посериозни, но без оглед на тоа целта е да оствариме три победи на првиот турнир, изјави Ѓорѓиев.
Во вториот натпревар во рамки на второто коло Данска, која во првиот натпревар триумфираше над Израел, игра против Кипар.