Тројца новинари, кои пишуваа сторија за изборите во 2011 година, требаше да добијат прекршочна пријава за нарушување на јавниот ред и мир, а не да им се прифати сведочењето во СЈО, истакна денеска адвокатката на Катерина Велоска, обвинета во предметот на СЈО „Титаник“, во воведните зборови од процесот.
Таа во судницата кажа дека Судот не требало да ги земе во предвид сведочењата на новинарите Младен Чадикоски, Сашка Цветкоска и Наташа Стојановска, бидејќи додека ја создавале својата новинарска сторија за изборите, се јавувале кај гласачи и се претставувале дека се од центарот за комуникација на ВМРО-ДПМНЕ.
Одбраната на Велеска смета дека тие сториле прекршок против јавниот ред и мир.
Експремиерот Никола Груевски, на денешното рочиште за предметот Титаник, на СЈО, во судот кажа дека се работи за измислен случај со цел да се направи еден вид судско – политички геноцид врз неговата партија.
Тој посочи дека ВМРО-ДПМНЕ чесно и со убедлива разлика ги добиваше сите избори од 2005 година до 2016 година, и дека разликите не беа за 500 или 1000 гласа, туку истите беа 200.000 во корист на ВМРО-ДПМНЕ.
Груевски посочи дека обвинението се темели на целосни претпоставки и инсинуации и дека СЈО нема ниту еден доказ.
– Како што кажав повеќе пати ова обвинение како и сите останати се измислени со цел да се направи еден политичко-судски геноцид врз членови на политичка партија. Во овој предмет се обвинети 22 лица, а вкупно 100 со другите предмети, највеќе од нив се членови на ВМРО-ДПМНЕ. За да се случи ова спроведени се низа незаконски одлуки. Донесена е одлука во апелациониот суд аудио снимките да бидат користени како докази, спротивно членот 12 од ЗКП, рече Груевски.
Тој кажа дека не создал група и не потикнувал, туку само раководел со политичка партија составена од членови, органи и слично.
– ВМРО-ДПМНЕ сосем легитимно ги добиваше изборите од 2005 до 2016 година со убедлива разлика пред втората по големина политичка партија. Сите избори беа следени од домашни и странски организации и постојат и извештаи. Разликите не беа за 500 или 1000 гласови, туку беа 200.000. Од тука бесмислено е формирање на било каква група која треба да обезбеди 500 или 1000 гласови, кои што ништо нема да променат во исходот. Во целост обвинението на СЈО се темели на претпоставки и инсуниации и ќе докажам дека нивното тврдење е апсурд и за тоа немаат ни еден доказ, истакна Груевски.