Повторно се одложи судското рочиште за пожарот во монтажната болница во Тетово кој избувна минатата година и во кој загинаа 14 лица.
Судијата Јордан Велковски беше принуден да го одложи судењето, откако двајца од обвинетите, докторот Бобан Вучевски и тогашниот економски директор на тетовската болница Артан Етеми се појавија во судот без адвокати. Судијата Велковски ги задолжи во рок од 8 дена да обезбедат одбрана, во спротивно судот ќе им додели адвокат по службена должност.
Следното судско рочиште е закажано за 8 ноември. По денешното судење изјава за медиумите даде единствениот од обвинетите кој се појави со адвокат, тогашниот директор на болницата Флорин Бесими, кој рече дека во судскиот процес со приложување докази ќе ја докаже својата невиност.
Одложено беше и судењето за Беса транс.
Сопственикот на БЕСА транс, во чиј автобус минатата година на автопатот во Бугарија, загинаа 45 лица денеска за прв пат седна во обвинителна клупа, каде треба да му се суди за лажната лиценца која ја имал автобусот.
Првото рочиште сепак беше одложено, бидејќи сопственикот Беким Хаџиу се произнесе дека е претставник на правното лице, односно компанијата, против која исто така има обвинение, а судијата образложи дека Хаџиу не може да биде претставник бидејќи и тој е обвинет во случајот.
Се задолжува обвинетиот согласно член 511, како управител на правното лице, да определи претставник од редот на одговорните лице и од вработените во правното лице.
За тоа како сопственикот на БЕСА ТРАНС ќе се брани пред судот за лажната лиценца, адвокатот не сакаше да ја открива стратегијата и како што вели ќе остават на судот да одлучи, но вели дека ова судење не треба да се меша со сообраќајната несреќа во Бугарија.