Од тројца обвинети двајца не се појавија во Основниот суд Тетово. Поранешниот економски директор на болницата Артан Етеми и дежурниот лекар имале други обврски. Во судница влезе само екс-директорот на болницата Флорин Бесими кој по трагедијата се повлече од функцијата. Пред медиумите рече дека не се чувствува виновен и убеден е дека судската постапка ќе ја докаже како што рече, вистината за случајот.

-Се што имам да кажам ќе кажам пред судот. Јас сум убеден дека судскиот систем ќе ја докаже вистината. Не се чувствувам виновен. – Флорин Бесими – Обвинет, поранешен директор на болницата во Тетово

Судијата Јордан Велковски, кој го води судскиот процес рече дека до следното рочиште кое го закажа за 14 октомври, сите обвинети ќе можат да направат увид во доказите, за да нема нови одлагања. Судскиот процес следи откако по повеќемесечна истрага тетовското обвинителство поднесе обвинение против поранешните директори во болницата Етеми и Бесими кои се товарат за кривично дело тешки дела против општата сигурност. Докторот кој тогаш раководеше со ковид центарот е обвинет за непостапување според здравствените прописи за време на епидемија. Правното лице, тетовската Клиничка болница се гони за две кривични дела – предизвикување општа опасност и непостапување според здравствените прописи за време на епидемија.