Пред Домот на културата во Битола, како дел од планираните активности на воената вежба „Одлучен удар“, денеска ќе се реализира отворен ден за граѓаните, на кој ќе се прикажат дел од средствата, опремата и вежбовните активности кои се изведуваат на оваа најголема воена вежба досега организирана во Република Македонија.
Aктивноста, како што е најавено од Министерството за одбрана, ќе ја проследат претседателот и врховен командант на вооружените сили Стево Пендаровски, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, в.д. амбасадорката на САД, Микаела Швајцер-Блум, градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска, генерали од армијата и претставници од амбасадата на САД.
Присутните ќе проследат повеќе активности, како: демонстрација на боречки вештини, извлекување со хеликоптер со користење на техника „Грозд“, алпинистички вештини при евакуација на повредени цивили од висококатница во изведба на припадници на полкот за специјални операции, како и прелет на хеликоптери.
Граѓаните преку директна комуникација со припадниците на армиите ќе имаат можност поблиску да се запознаат со опремата, постапките и процедурите што ги извршуваат учесниците на вежбата.
Вежбата „Одлучен удар“, која се изведува во период од 5 јуни до 9 јули година на армискиот полигон „Криволак“ и на која учествуваат околу 2.700 војници од армии на уште пет сојузници – САД, Литванија, Албанија, Бугарија и Црна Гора, има за цел зајакнување на стандардните оперативни процедури на единиците, подобрување на интероперабилноста, унапредување на заемното разбирање и доверба и зајакнување на меѓусебната соработка.