Турскиот суд ја одобри екстрадицијата на македонскиот државјанин, првоосомничениот за двојно убиство Љупчо Палевски – Палчо. Од македонското министерство за правда соопштија дека денеска ( 30 април ) им пристигнало официјално известување од Турција дека екстрадицијата на Љупчо Палевски е дозволена.

Во соопштението од Министерството нема повеќе детали за тоа кога и како ќе биде спроведена екстрадицијата.

Како првоосомничен за грабнувањата и убиствата на малолетничката Вања Ѓорчевска и велешкиот фризер Панче Женовски, Палевски на 5 декември беше уапсен во градот Балибекир во Турција.

По одлуката на Турција за екстрадиција, преземањето на Палчо ќе треба да се реализира преку канцелариите на Интерпол во рамки на министерствата за внатрешни работи. Двете држави имаат воспоставено соработка за екстрадиција, а имаат и меѓусебен Договор за правна соработка во граѓанските и кривичните предмети.