Хуманитарниот концерт „Со срце за Бојан“ се одржа синоќа во Пехчево. Организатор на настанот беше Училишниот парламент при деветтолетката „Ванчо Китанов“, од каде истакнаа дека настанот ја разбудил хуманоста на пехчевци.
– Благодарност до сите кои присуствуваа на овој концерт, кој е хуманитарен и преку кој сакаме да му помогнеме на нашиот сограѓанин Бојан. Собраните парични средства од влезниците ќе бидат наменети за неговото лекување, соопштија организаторите.
Концертот, како што додадоа, се реализираше со учество на ученици од Пехчево и околните места.
– На концертот со свои музички точки се претставија ученици од Основното училиште „Ванчо Китанов“ од Пехчево, ученици од Општинското средно училиште „Ацо Русковски“ – Берово – дисперзирани паралелки Пехчево и ученичка од Средното општинско училиште „Методи Митевски – Брицо“ од Делчево. Со своја кореографија се претставија и членовите на Културно-уметничкото друштво „Јане Сандански“ од Пехчево, како и ученици со сопствени танцови изведби. На сите нив им се заблагодаруваме што придонесоа настанот да биде успешно реализиран, додадоа организаторите.
Бојан Димитриевски е 19-годишно момче со тешка форма на инвалидитет и за неговото лекување се потребни околу 28 илјади евра, кои ќе бидат наменети за третман со матични клетки во клиниката „Неуровита“.
Потребните средства Ученичкиот парламент планира да ги обезбеди во соработка со локалните институции и бизнис секторот.