Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) на својата вчерашна седница ја одзеде дозволата за емитување на радиото „Слободна Македонија“.

Одлуката беше донесена едногласно. Претседателот на Советот, Лазо Петрушевски, рече дека медиумот има опција по судски пат да ја продолжи битката. Тој изрази жалење за вработените, кои како што рече, сигурно веќе подолго време се без работа.

ААВМУ претходно по извршен вонреден надзор констатираше дека оваа радиодифузна куќа повеќе не ги исполнува минималните кадровски услови за добивање дозвола за радио и телевизиско емитување.

Лиценцата на оваа радио станица е одземена поради не исполнување на условите од правилникот за минимални технички, просторни, финансиски и кадровски услови, односно во делот на исполнување на кадровските услови, поради недоволен број на вработени лица.

Во медиумот подолго време нема никаква активности, а ролетните на редакцијата се спуштени веќе неколку месеци.