На подрачјето на градот Вашингтон, Федералното истражно биро на САД (ФБИ) објавува огласи на Фејсбук кои се чини дека се дизајнирани да регрутираат руски шпиони, како и оние што се запознати со нивните активности, објави Си-Ен-Ен.
Новинарите на Си-Ен-Ен забележале неколку реклами за таа цел. Една содржи фотографија од млада женска дипломатка со семејството, а покрај неа, на руски јазик пишува: За твојата иднина, за иднината на твоето семејство.
На друг оглас е прикажана фотографија од шаховска плоча со текст на руски јазик: Зарем сега не е на тебе ред да повцлечеш потег?
Огласите водат до страницата на канцеларијата на ФБИ Вашингтон, каде на англиски и руски јазик се дадени детали за тимот за контраразузнавање и адреса на теренската канцеларија на ФБИ. На страницата пишува: „Посетете нè лично“.
– Можеме само да коментираме дека Русија има голем број разузнавачки службеници стационирани во руските дипломатски објекти низ целиот свет. Тие се многу активни и претставуваат ризик за безбедноста на САД и нашите сојузници, изјави за Си-Ен-Ен Алан Е. Колер, агент на ФБИ, задолжен за контраразузнавачкиот оддел во Вашингтон.
– ФБИ користи разни средства за да собере информации што можат да помогнат во заштитата на САД, додаде Колер.