Политичката волја е поважна од партискиот статут, порача лидерот на ДУИ, Али Ахмети истакнувајќи дека според статутот на партијата фракции не се дозволени, на што фракционерите од ткн „Огнената група“ го потсетија дека самиот тој повеќепати го прекршил статутот без никакви последици.
„И начинот на кој ги постави координаторите во Чаир и Сарај не е во статутот. Изборот на ограноците по принципот: еден член – еден глас, исто така, е нестатутарен, како и многу други работи. Самиот Ахмети во многу наврати има кажано дека е многу поважна политичката волја отколку статутот и во минатото повеќепати инсистираше да има фракција во ДУИ, како што има во повеќето европски партии“, коментираше во неделата пратеникот Изет Меџити, сѐ уште висок партиски функционер.
По изјавата на Ахмети, незадоволните во ДУИ, кои во саботата најавија фракционерство, допрва ќе одлучуваат за натамошните потези. Засега формално остануваат како членови на партијата и не се исклучени.
Сепак, јасно е дека поделбите во водечката партија на Албанците во Македонија се продлабочија откако „Огнените“ го напуштија состанокот на Централното претседателство и обвинија за големи разлики од организационен аспект, неможност за реална дебата, двојни и тројни аршини за исти и слични прашања. Министрите, според нив, ја узурпирале партијата со своите одлуки, а не само за кадровските прашања, туку и за програмските определби. Затоа и се определиле за фракционерски делување.