Годинашното 26. издание на „Охрид фест – Охридски трубадури 2019“ ќе се одржи на 5, 6 и 7 септември.
Манифестацијата почнува 5 септември со фолк-вечер на која ќе бидат изведени нови композииции во духот на народната песна. Организаторот на манифестацијата најави песни и изведби, текстови и аранжмани кои очекува да влезат во антологијата на новозоздадената македонска народна песна.
Цане Петров, кој седум фестивалски изданија е уметнички директор на фолк-вечерта, истакна дека за оваа година критериумот е подигнат на повисоко ниво, како преку изборот на композициите што ќе бидат изведувани, така и преку непосредна соработка со учесниците за самите аранжмани на композициите и изведбите.
Петров очекува позитивни изненадувања кај дебитантите на фолк-вечерта кои, оценувајќи според квалитетот на песните, најавуваат сериозен исчекор кон успехот.
Како долгогодишен музичар инструменталист Петров го посочува својот позитивен пример во кариерата како порака до дебитантите.
– Ќе го спомнам мојот бенд (Биоритам) кој буквално го почна својот успешен пат на сцената на „Охрид фест“ со легендарната песна за Садило. Како дебитанти го освоивме првото место од публиката во конкуренција на најголемите фолк-имиња, рече Петров.
Покрај натпреварувачки, фолк-вечертаќе има и ревијален дел, резервиран за нашиот естраден уметник Благоја Грујоски, додека за забавата на публиката по завршувањето на фестивалот ќе се погрижи групата „Молика ОНЕ“.