Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен акт против 46–годишен скопјанец, кој со умисла сторил две временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно извршување на кривичното дело „запуштање и малтретирање на дете“.
Како што соопшти денеска Јавното обвинителство, обвинетиот – чичко на оштетените две деца, на 28 јуни 2020 година прифатил доверена обврска од мајката на децата да ги надгледува додека таа била отсутна. Но, тој грубо ја запоставил својата должност за грижа и воспитување, па започнал да ги малтретира доверените деца.
Истиот ден, околу 12:30 часот, тој на дрво во близина го врзал 12-годишното момче за стапалото со внатрешна гума од мопед. Врзаното дете – лице со посебни потреби и неразвиена моторика, не можело да се ослободи, па кон него се приближила неговата петгодишна сестра во обид да му даде шише со течност за да се напие. Во тој момент, обвинетиот го нападнал и девојчето, најпрвин вербално, а потоа и физички, удирајќи ја по лицето и нозете.
Јавниот обвинител, кој постапува во предметот до Основниот кривичен суд Скопје достави и посебен предлог за продолжување на определената мерка притвор за обвинетиот, имајќи предвид дека постои опасност од негово криење и бегство, а како близок роднина кој има постојани контакти со оштетените, постои и реална опасност да го повтори кривичното дело доколку се брани од слобода.