Основното јавно обвинителство Скопје соопшти дека по спроведена истражна постапка поднело Обвинителен акт против две лица, кои се товарат дека како соизвршители сториле кривично дело – Загрозување на животната средина и природата со отпад од член 230 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик.

Како што се наведува во соопштението, истрагата покажала дека во текот на октомври годинава, двајцата обвинети, со пропуштање на вршење надзор над собирањето, со транспортот и со непрописно управување со отпадот можеле да предизвикаат значително оштетување на квалитетот на почвата, воздухот или водата, опасност за животот или здравјето на луѓето или уништување на растителниот или животинскиот свет во поголеми размери.

-Вршителот на должноста директор во ЈП „Комунална Хигиена“ Скопје, постапил спротивно на Статутот на претпријатието, на Законот за комунални дејности и не ги спроведувал одлуките и заклучоците на Управниот одбор, не се грижел за спроведување на деловната политика на претпријатието, не ги извршувал работите од неговиот делокруг на работа, не учествувал во утврдување на критериумите за користење и распоредување и за управување со средствата остварени со работењето на претпријатието, не го следел и не го анализирал извршувањето на плановите и договорните обврски и не преземал мерки за нивно остварување и не обезбедил мерки за заштита на животната средина. Како директор на јавно претпријатие кое е давател на комунална услуга бил должен, но сепак давањето на комуналните услуги не го вршел постојано и квалитетно и не се грижел да ги одржува во функционална и исправна состојба објектите, опремата и уредите, се посочува во соопштението.

Заедно со вториот обвинет, вработен како Управител за отпад-подгрупа 5, давател на услуги во областа на комунални дејности кој имал Уверение за положен стручен испит за управување со отпад од Министерството за животна средина и просторно планирање, се додава, со умисла постапувале спротивно на Законот за животна средина и на Законот за управување со отпад не презеле мерки и активности за заштита на животната средина и не ги спроведувале плановите и програмата за управување со комуналниот отпад на подрачјето на Градот Скопје.

Бидејќи не ја извршиле својата основна дејност за редовно собирање и транспортирање на безопасен отпад, ниту побарале измена на Оперативниот план и Оперативна програма, обвинетите, наведуваат од Скопското обвинителство, овозможиле да се создадат депонии на јавни и сообраќајни површини со одлагање на комуналниот отпад во непосредна близина на предвидените садови за собирање.

-Бидејќи прибирањето на доказите е завршено, а обвинетите веќе немаат можност да влијаат на постапката, јавниот обвинител предложи мерката притвор да им биде заменета со мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиште, обврска да се јавуваат повремено во судот и привремено одземање на патна исправа или друга исправа за преминување на државна граница, односно забрана за нејзино издавање. За обвинетиот управител со отпад кој се уште е вработен во ЈП „Комунална хигиена“, обвинителството предложи и дополнителна мерка – забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело, односно привремено отстранување од работното место, стои во соопштението.

Фото: Архива