Основното јавно обвинителство Куманово поведе истражна постапка против адвокатка поради основано сомнение за сторена измама, така што со користење туѓи исправи и идентитет извршила трансфер на пари од сметка на клиентка на лична сметка.
Адвокатката е уапсена на граничниот премин Табановце по што Судот и определи притвор од осум дена.
Осомничената, како што информираат од ОЈО, во својство на адвокат била ополномоштена од клиентка да ги застапува нејзините правни интереси пред Фондот за пензиско и инвалидско осигурување за остварување и ретроактивна исплата на семејна пензија. Како застапник таа ја имала информацијата дека досудените парични средства од спорот во висина од 680.634 денари се исплатени на трансакциската сметка на нејзината клиентка.
– Со намера да прибави за себе поголема противправна имотна корист, адвокатката ја зела личната карта на нејзината клиентка и заедно со уште едно засега непознато лице кое физички наликувало на клиентката, се упатила во експозитурата на банката во Куманово. Притоа осомничената адвокатка, заедно со другото лице, преку користење на туѓи исправи и идентитет, се обиделе да извршат трансфер на парите од сметката на оштетената на трансакциската сметка на адвокатката. Во намерата не успеале поради тоа што службените лица од банката се посомневале во идентитетот на другото лице. Потоа осомничената, во втор обид, на ист начин и со иста постапка во експозитура на банката во Скопје, користејќи туѓ идентитет и лични исправи, успеала да изврши трансфер на паричните средства, информираат од ОЈО.
Во меѓувреме, службениците од експозитурата во Куманово го пријавиле обидот на осомничената во јавното обвинителство и надлежните служби.
– По дадени насоки и наредби на Основното јавно обвинителство Куманово, надлежните органи ја пронашле осомничената на граничниот премин Табановце и веднаш ја лишиле од слобода, се вели во соопштението од ОЈО.
Со оглед на тежината на стореното дело, како и оправданиот страв дека постои можност осомничената да се даде во бегство и да го повтори делото, јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово до Основниот суд Куманово достави предлог за определување мерка притвор за осомничената. Предлогот беше прифатен, па судот со Решение на осомничената и определи притвор од осум дена.