Обвинителството потврди дека примиле „анонимна“ кривична пријава со наводи дека Бојан Христовски, директорот на АНБ, приложил исправа со невистинита содржина, за да ги исполни условите и да биде назначен за директор на тајната служба. Пријавата се однесува на јазичниот ТОЕФЛ сертификат на Христовски од бугарската јазична школа “Јулија”, а сертификати од “Јулија” во судски постапки во Македонија веќе се прогласени за фалсификати.
-Во текот на вчерашниот ден е примена кривична пријава од анонимен подносител, по што согласно законските одредби е отворен предмет и доделен на обвинител за работа, одговорија од обвинителството за Телма.
Ова е прва предистрага во обвинителството за Христовски и неговото назначување поради сомнежи дека не исполнува повеќе услови за вршење на највисоката безбедносна позиција во државата.
Обвинителството, симптоматично, не остана на зборот и не ја почека ДКСК. Првично, токму обвинителството соопшти дека ќе ја почека одлуката на Антикорупциската комисија, а одлуката на ДКСК ја чекаше и премиерот Мицкоски. ДКСК нема овластувања и законски механизми за истражни дејствија и порача дека секој може да си ги работи истрагите и обврските согласно законските надлежности.
Премиерот Мицкоски посочи дека стажот од условите не е клучен во целиот случај туку стравот на некои структури е во некои припадници на службите, кои во претходниот период, кои следеле членови на ВМРО ДПМНЕ. Мицкоски извади и купче документи, фалсификувани јазични сертификати на припадници на сегашната опозиција или директори од времето на владеење на СДСМ.