Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција отворило предмет против директорот на ЕСМ во оставка Васко Ковачевски. Станува збор за сомнителен тендер за ископ на јаловина во РЕК Битола. Според информациите на Алсат, предметот бил отворен во 2020 година, но сè уште е во предистражна постапка. Останати информации засега обвинителите не сакаа да ни дадат за да не се нарушел истражниот процес.
„Јавен обвинител постапува по предметот. Предметот е во предистражна постапка и засега се прибираат докази“, велат од Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Во телефонски разговор за Алсат, Васко Ковачевски тврди дека вчерашната оставка од директорската позиција не била поради оваа истрага. Вели дека ја завршил својата работа во однос на менаџирање на енергетската криза, а неговиот мандат како директор и онака истекувал на 20 јули оваа година.
„Јас веќе дадов изјава во Обвинителството дека нема никаква вистина во предметот за ископ на јаловина во РЕК Битола“, рече Ковачевски.
Пред истекот на грејната сезона и кризната состојба во енергетиката, Васко Ковачевски вчера даде отчет за сработеното пред медиумите и ја најави својата оставка, која според него е од лични причини. Пред три години, техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев обвинуваше дека токму Ковачевски заедно со дел од раководството на државните електрани вршеле притисок врз фирма која го добила тендерот за ископ на јаловина. Наводно од неа барале да отстапи дел од договорот на друга фирма-подизведувач, која немала капацитет и механизација за тоа, но била блиска до СДСМ. Информациите на Чулев беа дека компанијата го одбила ова барање, но притисокот продолжил. Наводно директорот на РЕК Битола побарал поткуп од 250.000 евра. Откако фирмата ги одбила и двете барања, договорот бил еднострано раскинат и била активирана банкарската гаранција. Информациите кои ги објавија опозиционерите се дека фирмата покренала граѓанска постапка и од државата бара отштета од милион евра, објавува ТВ Алсат.