Повеќе од 20.000 домаќинства останаа без струја поради зимската бура Фабиен што го зафати југозападното крајбрежје на Франција и островот Корзика, соопшти операторот на енергетската мрежа „Енедис“.

Според компанијата, станува збор претежно за регионите Нова Аквитанија и Окситанија, каде што силниот ветер искинал многу електрични кабли. Во тој регион без електрична енергија се околу 18.000 домаќинства.

Невремето ја погоди и Корзика. Според податоците на корпорацијата „Електрикс де Франс“, на островот речиси 3.500 домаќинства се без струја веќе две деноноќија.

Во меѓувреме, властите на Корзика одлучија да ги отворат аеродромите Бастија, Фигари и Калви.

Претставници на авиокомпанијата „Ер Корзика“ соопштија дека патниците чии летови биле откажани вчера и завчера можат да ги користат билетите денеска и утре.

Аеродромот „Наполеон Бонапарта“ во Ајачо е затворен од 21 декември, поради големите поплави настанати од поројните дождови.

Бурата Фабиен вчера го погоди југозападниот брег на Франција и островот Корзика. Во Бордо, брзината на ветрот достигна 39,3 метри во секунда, а на крајбрежјето на Баскија до 41,1 метри во секунда.

Националната железничка компанија соопшти дека сообраќајот помеѓу Бордо и Тулуз е во прекин поради паднати дрвја на шините.

Во моментот четири француски региони се во портокалова фаза за опасност.