Околу двесте илјади демонстранти, од кои околу 14.000 во Париз, се собраа во неколку француски градови „во име на слободата“ да протестираат против мерките за контрола на коронавирусот, трет викенд по ред, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Според првите податоци на Министерството, приведени се 19 лица, од кои десет во главниот град. Повредени биле тројца полицајци.
Ситуацијата се вжештила на местото Бастилја, со доаѓањето на првата поворка на демонстранти. Полицајците одговориле со солзавец и водени топови кон оние кои фрлале различни предмети врз нив.
Властите очекуваа околу 160.000 луѓе да се соберат на протести низ целата земја, објавија француските медиуми, повикувајќи се на полициски извори, а полицијата зазеде позиции долж Елисејските полињата за да ја заштити таа авенија од демонстранти.
Четири протести биле одржани во Париз, а маршеви имало и во други градови низ земјата.
Додека учесниците на маршот се движеле кон исток, полицијата истрелала солзавец врз толпата, а облаците чад го исполниле небото.
Втората група демонстранти била предводена од лидерот на Национално собрание, Марин Ле Пен, додека третата група, која марширала кон Министерството за здравство, ја предводел Флоријан Филипо од партијата Патриот.