Повеќе од 298.000 луѓе во Сирија мораа да ги напуштат своите домови по разорниот земјотрес, соопшти денеска сирискиот министер за локална администрација и животна средина Хусеин Махлуф .
Тој рече дека бројот на жртвите од земјотресот досега се искачи на 1.262, а дека 2.258 лица се повредени во деловите на Сирија кои се под контрола на сириската Влада, пренесе Си-Ен-Ен.
-Нашата земја не е во состојба да се справи со вакви катастрофи, особено поради загубата на 50.000 градежни машини и опрема поради војната, што ни е очајно потребно во оваа катастрофа, рече Махлуф на прес-конференција во Дамаск.
Тој посочи дека владата отворила 180 засолништа за раселените лица.
На територијата на цела Сирија во разорниот земјотрес што ги погоди таа земја и Турција загинаа најмалку 2.530 лица.