Олена Зеленска, сопругата на претседателот на Украина, објави дека Србија на таа земја и подарила 5.000 лаптопи и таблет компјутери, кои ќе им помогнат на украинските ученици во нивното учење, јавува Радио Слободна Европа.
Задоволни сме што добиваме 5.000 лаптопи и таблети од Србија за студенти во Украина. Оваа важна помош ја договоривме во мај на средба со претседателот Вучиќ и првата дама Тамара Вучиќ, напиша Олена Зеленска на социјалната мрежа Х.
Таа во соопштението наведе и дека апаратите се веќе предадени на фондацијата Олена Зеленска.
Таа во друга објава им се заблагодари на Владата на Србија и на „српската телекомуникациска компанија“ за помошта.
„Поддршката на образованието е придонес за иднината на целата држава. Ви благодариме за грижата и вербата во нас“, напиша таа.
Сопругата на украинскиот претседател ја посети Србија на 12 мај заедно со министерот за надворешни работи на Украина Дмитро Кулеба, што беше прва посета на висок украински функционер на Србија од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.
Од 2022 година, Србија прифати илјадници украински бегалци, испрати хуманитарна помош во Украина и вети помош во деминирањето на земјата и во нејзините повоени напори за обнова и го поддржува територијалниот интегритет на Украина, но не воведе санкции кон Русија.