Досегашниот помошник тренер на хрватската фудбалска репрезентација Ивица Олиќ е назначен за нов стратег на ЦСКА Москва, рускиот великан за кој 41-годишниот Хрват настапуваше како играч од 2003 до 2006 година.
– ЦСКА Москва и Ивица Олиќ постигнаа договор за соработка. Ивица започнува со работа веќе денеска, 23 март, кога ќе се запознае со екипата и ќе го одржи првиот тренинг, соопшти рускиот прволигаш.
Олиќ доаѓа на местото на Виктор Гончаренко, кој вчера поднесе оставка по два последователни порази во руското првенство што влијаеја ЦСКА Москва да падне на петтото место со 40 бодови, осум помалку од лидерот Зенит.