Билансот на саботните инциденти во тренинг кампот на францускиот прволигаш Олимпик Марсеј е 25 приведени навивачи и четворица повредени полицајци.

Незадоволни од настапите на својот тим во францускиот шампионат, неколку стотина навивачи на Олимпик со пиротехнички средства и димни бомби го нападнаа тренинг кампот, неколку часови пред мечот против Рен, во рамки на 22 коло.

Француските медиуми јавија дека навивачите запалиле дрвја пред влезот на тренинг кампот, по што група од околу 50 хулигани успеале насилно да влезат во објектот.

Хулиганите уништиле дел од опремата во главната зграда на кампот, а го каменувале и автобусот на екипата.

Раководството на француската лига, поради инцидентите, го одложи одигрувањето на мечот.

Прволигашот од Марсеј во моментов е седмопласиран во француското првенство со 14 бодови помалку од лидерот Лион.