Мислам дека уредувањето нема некоја вистинска традиција во нашата книжевност. Моето лично сознание ми вели дека нештата се обратнопропорционални: колку авторите се подобри, толку се поотворени за промени и корекции; колку се послаби – толку се посуетни и поригидни за какво било вмешување, дури и мислење за нивниот текст.

Оливера Ќорвезироска е веќе етаблирано име на македонската книжевна сцена — како авторка, критичарка и уредничка. Со години го гради својот авторски и критички глас, внимателно, без врева, но со многу страст кон литературата. Пишува поезија („Трети кат“, „Високите бели“), книги за деца („Кифличката Мирна“, „Мојот брат од тринаесеттиот кат“, „Дедо Миле“, „Зорки и Цветка“), критика и есеи („Отвораат ли сништата работа“, „Еден Текст и една жена“, „На полпат“), раскази („Страдањата на младиот лектор“, „(С)плетени раскази“, „Две перници“, „Сошиени раскази“, „Улиците што ги нема“, „Престапни години“…), романи  („Заклученото тело на Лу“, „Аб’т“, „Три Марии“).

Таа е застапена во дваесетина антологии на современиот македонски расказ, објавени во Македонија и во странство, добитничка е на неколку награди за нејзините раскази, а во 2003 година, за книгата „(С)плетени раскази“, ја доби наградата за најдобра проза на Друштвото на писателите на Македонија – „Стале Попов“. За последниот роман „Три Марии“ го доби Рациновото признание за оваа година.

Вие не сте авторка која „трча“ по слава, си ја градевте кариерата тивко, но со цврст материјал. Со вашиот последен роман „Три Марии“, како никогаш порано станавте популарна. Книгата предизвика големо внимание, еве и „Рациновото признание“ го добивте за неа. Како се чувствувате, како се „носите“ со тоа?

Не мислам дека станав популарна, но драго ми е што мојот најнов роман предизвика внимание. Наградите се констелација на повеќе фактори што треба да се поклопат во дадена ситуација. Тие се важни за книгите, затоа што ги прават повидливи и насловите стигнуваат до поширок круг потенцијални читатели. Во никој случај не треба да се омаловажуваат, но исто така не треба ниту да им се придава поголемо значење отколку што реално имаат, зашто, сепак, целта на националната книжевност не се и не треба да бидат (само) наградите туку што подобри книги напишани на македонски јазик. Несомнено ми значи Рациновото признание, го добивам прв пат по долги години пишување.

„Три Марии“ велите дека не е љубовен роман, туку роман за љубовта. Која е разликата помеѓу едното и другото? 

Не се плашам од љубовни романи, ниту од каква било жанровска книжевност. Сето тоа придонесува за развој на книжевноста. „Три Марии“ не раскажува љубовна приказна, туку загатнува повеќе љубовни релации и тоа од различни позиции (во трето, во прво и во второ лице), разоткривајќи го грдото лице и на најубавите љубови. Затоа мислам дека мојот нов роман повеќе е за љубовта, отколку љубовен. Но сосема е во ред, ова да се сфати и само како игра на зборови.

Трите Марии се три жени „престапнички“. Тие не се претставени како жртви, романот не е ангажирано феминистички… Но, нели редовно само жените кога не се вклопуваат во традиционалната рамка се престапници, а не и мажите? 

Трите Марии не се жртви. Тие се некакви престапнички, но најпрецизно кажано се жигосани од грешни љубови. (Таквиот жиг не разликува женска од машка кожа.) Со престапите, моите Марии повеќе се повредуваат себеси отколку Другиот. Едната решава цел живот да биде љубовница; втората – се вљубува во зборовите на друг маж, изневерувајќи го сопругот само со палецот на десната рака; третата – изневерува затоа што е изневерена… Во овој роман повеќе ме интересираше масивната рамка на страдањето, отколку традиционалната рамка кој смее, а кој – не.

Постојано им се посветувате на вашите претходници, ја уредивте едицијата од дванаесет книги за возрасни на Оливера Николова во десет тома, ја приредивте „Книга за Петре“ во чест на 90-годишнината од раѓањето на Петре М. Андреевски, ги преобјавивте книгите на Крсте Чачански, на Јадранка Владова, го вративте „дома“ творештвото на Никола Маџиров… Не е ли тоа обврска на државните институции, а не на поединци ентузијасти? 

Не треба постојано да чекаме некој друг да го прави тоа што како обврска ни следува на сите. Секако институциите треба да се грижат за многу нешта, но и самите писатели треба да бидеме свесни дека ништо не почнува ниту завршува со нас, дека она што денес ние го пишуваме на извесен начин го содржи, се надоврзува на напишаното пред нас; го антиципира она што ќе се пишува по нас. На книжевноста гледам како на континуитет, не како на стихијна појава што блеснува и исчезнува. И како писател и како критичар настојувам да ги чествуваме споменот и значењето на претходниците. Чествувањата можат да имаат најразлични форми, собирање, преиздавање… но и навраќање на амблематичните дела и писатели од македонската книжевност и во нашите современи книжевни писма на каков било поетички начин. Одамна во својата проза се навраќам, реферирам, конфабулирам, работам книжевни травестии со претходниците, но и со современиците. Сметам дека тоа на некој начин е и задача на секоја национална книжевност. А како ќе ја „решаваме“ таа задача зависи од многу фактори, знаење и способности, на крајот од краиштата.

„Три Марии“ на некој начин е „мала“ посвета на Славко Јаневски…

Мислам дека би било непримерено да се напише роман „Три Марии“ со целосно пренебрегнување на фактот дека постои роман „Две Марии“ во истата национална книжевност, на ист јазик. Мојот роман е неспецифичен омаж на Славко Јаневски, некаков трибјут кој нема врска со содржината на романот „Две Марии“ на Јаневски, не е римејк, ниту постмодернистички допис, приквел или спин-оф,.. но е допрен до него (освен со насловот, и со името на еден од ликовите – Славко, со многуте примероци од романот „Две Марии“ на полиците во станот што се издава, кој всушност ги обединува трите засебни приказни во романескна целина, со употреба и на детаљ од сликата „Бош“ на Јаневски на корицата итн.) или токму како што велите вие – „мала“ посвета на Јаневски, наративно чествување на автор и дело што се неодминлив дел од македонската книжевна историја.

Се менуваше ли вашиот однос кон пишувањето низ годините и како?

Промените се неминовни, но мислам дека низ годините повеќе ми се менуваше ритамот, отколку односот кон пишувањето. Под ритам не подразбирам само честота на пишување, туку и жанровски опсег. Има периоди во кои пишувам поинтензивно, но и такви во кои само читам. Најдолго и најмногу пишувам раскази и сметам дека тоа е мојот „венчален“ жанр, но романот како некаков непишан императив на нашето време не ме одмина ниту мене. Освен два за деца, напишав и три романи за возрасни.

Денес стилот во јавниот дискурс е сè поплиток, а вашето пишување — густо, софистицирано, слоевито — оддава впечаток на спротивен тренд. Дали тоа е свесен отпор кон „лесното четиво“?

Не само стилот, туку и состојбата на јазикот во јавниот дискурс ме загрижува сè повеќе. Сериозна закана за македонската книжевност, би рекла и јазик и култура, не е непишувањето, туку нечитањето! Не може ни да се зборува, а не пак да се пишува без читање. Читањето е мајка на сè. За жал, плиткоста, површноста и испразнетоста околу нас врескаат од нечитање. Владее тренд на негативното, на незнаењето како триумф.

Влијае ли дигиталното време врз начинот на пишување и читање денес?

Секако, од една страна сè стана толку многу полесно; од друга страна – стана некако предостапно. Дигиталното време ги охрабри луѓето да помислат дека секој може сè. Но, ова се задоцнети детски болести, очекувам да поминат без посериозна лузна во книжевноста.

Колку ви помага Фејсбук во промоцијата на вашата работа?

Немам ништо против социјалните мрежи сè додека ние владееме со нив, а не тие со нас. Да, мислам дека Фејсбук ми помага за промоција на она што го работам. Објавувањето книжевност на ФБ ми е многу поблиско, отколку објавување крајно лични работи. Расејувањето на литературата е сосем разбирливо во времето во кое живееме. Книжевноста не треба да војува со социјалните мрежи, оти таа битка нема да ја добие. Треба да се направи коректен договор за мир меѓу нив.

Пишувате доста и книжевна критика. Дали е тешко да се биде „искрен критичар“ на сцена каде сите се познаваат? Сте напишале ли некогаш негативна критика и зошто не? 

Секако дека сум напишала и негативни критики, иако, морам да признам тоа не е баш удобно во мала средина каква што е нашата. Во последно време практикувам да премолчувам книги за кои немам ништо убаво да напишам. Свесна сум дека тоа е малку комформистички, но е нешто до што дојдов и што барем овој период ми одговара.

Работите како уредник во издавачка куќа. Интервенирате ли често во делата на другите творци и како реагираат тие на тоа? „Победува“ ли нивната суета или вашата професионалност?

Мислам дека уредувањето нема некоја вистинска традиција во нашата книжевност, ниту пак е некоја задолжителна практика. Оттаму и искуствата се различни. Моето лично сознание ми вели дека нештата се обратнопропорционални: колку авторите се подобри, толку се поотворени за промени и корекции; колку се послаби – толку се посуетни и поригидни за какво било вмешување, дури и мислење за нивниот текст.

Кои современи автори од македонската и/или регионалната, светската сцена ви се најинтересни во моментов?

Најмногу следам домашна и регионална книжевност. Мислам дека успеваме да се одржиме во регионот како автентична кота на книжевната мапа. Минатогодишната романескна продукција и кај нас и во регионот беше одлична. Силен впечаток ми оставија романите на Кице Колбе, Калина Малеска, Тања Ступар-Трифуновиќ, Маријана Чанак… Високо ги ценам книгите на Дарко Цвијетиќ, Кристијан Новак, Лана Басташиќ, Дамир Каракаш, Георги Господинов, Здравка Евтимова…

Кога би имале доволно пари за да не морате да работите за плата до крајот на животот, со што би се занимавале?

Со истото со што се занимавам и сега.

(МИА)