Волкер Тирк, новоназначениот висок комесар за човекови права на ОН, денеска ги оцени како „ужасни“ неодамнешните изјави на британската министерка за внатрешни работи Суела Брејеверма која зборуваше за „инвазија” мигранти.
Министерката Брејеверма предизвика гневни реакции поради тоа што претходно оваа седмица како „инвазија“ го опиша рекордниот број поднесени барања за азил во Обединетото Кралство.
На барањето да ги коментира термините што ги употреби контроверзната министерка, Тирк кој пред две недели беше назначен за висок комесар на ОН за човекови права, ги посочи таквите изрази како несоодветни и предупреди на дехуманизација на мигрантите.
„Инвазија, страшен збор“, рече Тирк пред новинарите на првата прес-конференција по стапувањето на функцијата.
„Мило ми е што имаше силна реакција во Велика Британија за употребата на тој израз“, рече тој. Тирк посочи дека се работи за проблем што често се забележува. Тој потсети дека и за време на мигрантската криза во Европа во 2015-2016 година, слушнал такви зборови и дехуманизирачки јазик и од тогашните европски политичари.
Новиот комесар за човекови права изрази загреженост поради повторувањето на таквата реторика.
„Навистина мора да работиме напорно за таа да не ги затруе прашањата што се однесуваат на човечки суштества“, рече тој.