Владата на јеменскиот претседател Абдрабу Мансур Хади денеска соопшти дека ќе учествува во мировните преговори со Хутите, организирани на предлог на Обединети Нации.
Јеменската Влада испрати писмо до претставникот на ОН, Мартин Грифитс, во кое се наведува дека „ги поддржува напорите за мир, како и дека ќе испрати делагација на консултациите (во Стокхолм), со цел да се изнајде политичко решение“ за конфликтот во Јемен.
Потврдата за учество на Владата во мировните преговори уследи откако претседателот на Врховниот револиционерен комитет на Хутите, Мохамед Али ал Хути синоќа најави дека шиитските бунтовници ќе прекинат со нападите врз Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и нивните сојузници во Јемен.
Саудискиот крал Салман во денешното обраќање изјави дека поддржува изнаоѓање на политичко решение за ставање на крај на војната во Јемен.
Кралот Салман посочи дека Саудиска Арабија поддржува политичко решение во согласност со резолуцијата на ОН, со која се апелира до Хутите да се повлечат од сите големи градови, кои ги зазеле за време на тригодишната војна.
Тој исто така го обвини и Иран дека предизвикува хаос во регионот.
Саудсика Арабија од март 2015 година ја предводи коалицијата против Хутите.
Јеменските шиитски бунтовници Хути синоќа објавија дека ќе прекинат со нападите врз Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и нивните сојузници во Јемен. Најавата на Хутите уследи откако претходно арапската коалиција предводена од Саудиска Арабија објави дека ја запира офанзивата врз главното јеменско пристаниште Ходејда, кое е под контрола на бунтовниците.
– По нашите контакти со пратеникот на ОН и неговата молба за прекин на ракетните и нападите со дронови…, ја објавуваме нашата иницијатива за прекин на ракетните и нападите со дронови врз странските агресори, изјави претседателот на Врховниот револиционерен комитет на Хутите, Мохамед Али ал Хути.
Специјалниот претник на ОН за Јемен, Мартин Грифитс се обидува да ги спаси од пропаст мировните преговори за оваа земја на југот на Арабискиот Полуостров, откако претходната нивна рунда предвидена за септември не се одржа, бидејќи делегацијата на Хутите не допатува на средбата во Женева.
Грифитс се надева дека ќе успее да ги убеди сите страни вклучени во јеменскиот конфликт да дојдат на нова рунда преговори пред крајот на годинава.
Хутите, кои се борат против меѓународно признатата Влада на Јемен, што ја поддржува Ријад, најавија и дека се подготвени за „поширок прекин на огнот, доколку коалицијата предводена од Саудиска Арабија сака мир“.