Ноември е месец со најмал број на цивилни жртви во Ирак во изминатите шест години, се наведува во соопштение на Обединети нации.
Мисијата на ОН во Ирак (УНАМИ) соопшти дека се убиени 41 цивил, a 73 се повредени во терористички акции, насилство и вооружени судири во Ирак во ноември 2018 година.
Најголем број на жртви регистрирани се во Багдад – 23, а потоа следат провинцијата Ниневија со осум и Анбар со четири цивилни жртви.
– Тоа не е само бројка, станува збор за луѓе и нивните семејства. Но, овие бројки, дури иако се тажни, покажуваат тренд на опаѓање на нивото на насилство, додека земјата се опоравува од војната против тероризмот и се движи кон стабилна и просперитетна иднина, истакна специјалниот претставник на ОН, Јан Кубиш.
Ирачките власти во декември минатата година соопштија дека ја поразиле ИД и нејзините припадници се протерани од сите градови на Ирак. Но, џихадистичката група се уште има келии во планинските или пустинските региони на границата со Сирија и западно од Мосул.