Обединетите нации денеска оценија дека одлуката на „Твитер“ да суспендира профили на неколку новинари претставува „опасен преседан“, во време кога новинарите ширум светот се соочуваат со цензура, физички закани и уште полоши работи, изјави портпаролот на ОН Стефан Дижарик.
Дижарик нагласи дека ОН се „многу вознемирени“ од „произволното суспендирање“ на новинарите од „Твитер“. Тој порача дека гласот на медиумите не смее да се замолчува на платформа која тврди дека дава простор за слобода на говорот.
„Твитер“ ги суспендираше профилите на неколку новинари од „Њујорк Тајмс“, „Вашингтон пост“, „Си-Ен-Ен“ и од други медиуми што неодамна критички пишуваа за неговиот нов сопственик Илон Маск.
Компанијата не објасни зошто ги отстранила профилите на новинарите и ги избришала нивните претходни објави.