Во Украина, за време на руската инвазија, според потврдени податоци, загинале најмалку 8.490 цивили, а 14.244 биле ранети, објави Високиот комесаријат на ОН за човекови права во извештајот за април.
„ОХЦХР смета дека реалната бројка е многу поголема, бидејќи не пристигнале информации од некои локации каде имало интензивни борби, а многу извештаи се’ уште не се потврдени“, се вели во соопштението.
Комесарот на ОН наведува дека во областите на Доњецк и Луганск кои се под контрола на Украина загинале 3.927 цивили, а 5.483 биле ранети, додека во останатиот дел од земјата бројот на загинати е 2.669, а 6.201 се ранети.
На украинската територија окупирана од Русија, ОХЦХР потврди 652 загинати и 2.316 ранети цивили во регионите Доњецк и Луганск, а 1.242 загинати и 244 ранети во други региони.
Доњецк е една од четирите провинции во источна и јужна Украина што Москва незаконски ги прогласи за анектирана минатата година и има за цел целосно да ги окупира. Останатите три региони се Херсон, Луганск и Запорожје.
Центарот на борбите во Украина веќе неколку месеци е градот Бахмут, во источниот регион на Доњецк, каде Русите напредуваат.
Бахмут, кој пред конфликтот имаше 70.000 жители, по неколкумесечни жестоки борби има помалку од 4.000 жители. Поради времетраењето на битката и големите загуби од двете страни, тој град станал симбол на тешката борба меѓу Русите и Украинците за контрола над украинскиот регион Донбас.