Околу 18.000 илегални имигранти пристигнале во Европа по копно од почетокот на јануари 2018 година. Тоа е седумпати повеќе отколку истиот период минатата година, соопшти денеска ОН, прецизирајќи дека најчесто користена маршрута е таа од Турција кон Грција.
Според статистиката на Меѓународната организација за имиграција (ИОМ), повеќе од една петина од илегалните имигранти, кои доаѓаат во Европа, пристигнуваат по копно.
Зголемениот број на пристигнати по копно се совпаѓа со намалениот бројот на оние кои доаѓаат во Европа преку море, а маршрутата од Либија станува се потешка за минување поради зголемениот број патроли на либиската крајбрежна стража.
ИОМ соопшти дека од почетокот на годината околу 74.500 имигранти пристигнале во Европа преку Средоземното Море, а во 2017 година, нивниот број изнесувал 129.000.
Агенцијата на ОН прецизира дека најчесто ја користат маршрутата Турција – Грција, а според властите, вкупно 12.166 пристигнати по копно од почетокот на 2018 година. За споредба, Грција лани регистрирала околу 5.550 имигранти, пристигнати по копно.
Што се однесува до 6.000 други илегални имигранти, пристигнати во Европа по копно од почетокот на годината, „најголем дел“ дошле од Сеута и Мелиља, две шпански енклави во северниот дел на Мароко, соопшти портпаролот на ИОМ Џоел Милман.
Двете енклави, кои се единствената копнена граница на ЕУ со Африка, се опкружени со високи огради. Тие редовно се напаѓани од имигранти, кои се обидуваат да влезат во Шпанија.
Според ИОМ, над 50 отсто од пристигнатите во Грција се Сиријци, Ирачани и Авганистанци.