ОН: Ситуацијата во Судан излегува од контрола

/ 15.08.2023

Милиони луѓе во Судан остануваат без храна, а некои умираат поради недостаток на здравствена заштита по војната што го опустоши главниот град Картум и предизвика етнички мотивирани напади во Дарфур, предупредија Обединетите нации.

„Завршува времето за земјоделците да засадат култури што ќе ги хранат нив и нивните соседи. Медицинските материјали се оскудни. Ситуацијата излегува од контрола“, објавија агенциите на ОН во заедничката изјава.

Судирите меѓу суданската армија и паравоените сили за брза поддршка избувнаа на 15 април поради тензиите поврзани со планираната транзиција кон цивилно владеење.

Земјата е заглавена во насилство, а на регионот му се заканува дестабилизација. Повеќе од четири милиони луѓе се раселени, вклучително и речиси еден милион бегалци во соседните земји. Во борбите загинаа и цивили.

„Посмртните останки на многу од убиените не се собрани, идентификувани или закопани“, но ОН проценуваат дека повеќе од 4.000 се убиени, изјави на брифинг во Женева Елизабет Тросел, портпаролка на високиот комесар за човекови права.

Извештаите за сексуални напади се зголемени за 50 отсто, според службеничката на Фондот за население на ОН, Лајла Бејкер.

Милиони луѓе кои остануваат во Картум и градовите во регионите Дарфур и Кордофан се соочуваат со неконтролиран грабеж и долги периоди без струја, комуникации и вода. Сезонските дождови кои го зголемуваат ризикот од болести кои се пренесуваат преку вода уништија или оштетија домови на до 13.500 луѓе, проценуваат ОН.

Напорите предводени од Саудиска Арабија и Соединетите Држави за воспоставување прекин на огнот се запрени, а хуманитарните агенции се борат да обезбедат помош поради несигурноста, грабежите и бирократските пречки.


Од истата категорија